ЖИВЕАМ НОРМАЛНО, НИКОЈ НЕ МЕ ГЛЕДА ПОПРЕКУ И ИМАМ НОРМАЛНА РАБОТА, ВЕЛИ ТРАНСРОДОВОТО ЛИЦЕ КОЕ ДОБИ ВО СТРАЗБУР, СЕ ЧЕКА ДРЖАВАТА ДА ЈА СПРОВЕДЕ ПРЕСУДАТА ДОКРАЈ

    ЖИВЕАМ НОРМАЛНО, НИКОЈ НЕ МЕ ГЛЕДА ПОПРЕКУ И ИМАМ НОРМАЛНА РАБОТА, ВЕЛИ ТРАНСРОДОВОТО ЛИЦЕ КОЕ ДОБИ ВО СТРАЗБУР, СЕ ЧЕКА ДРЖАВАТА ДА ЈА СПРОВЕДЕ ПРЕСУДАТА ДОКРАЈПромената на матичните броеви на трансродовите лица е основно право во земјите со висок степен на почитување на човековите права, за разлика откај нас, каде системот ги присилува да го носат полот во матичниот број, кој не соодветствува со нивниот род и кој не соодветствува со изгледот и фотографијата на личната карта. - Од годинашното издание на Парада на гордоста во Скопје (Фото: К. Попов)

    Со исплата на 9.000 евра на трансродовото лице Икс, за страдањата што ги трпеше со години од општеството и од институциите во Македонија кои не му дозволуваа да го смени матичниот број, а подоцна и со менувањето на полот во новиот ЕМБГ, Македонија само делумно ја изврши пресудата од Судот во Стразбур.

    Собранието не донесе закон за матична евиденција кој ќе им овозможи на трансродовите лица брза и едноставна постапка за промена на податокот за пол во матичниот број, и овие толку мал број наши дискриминирани сограѓани уште долго ќе талкаат по институциите за да го обезбедат ова основно право.

    Во штотуку објавениот Извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ, нотирано е дека од собраниска процедура е повлечен закон за матична евиденција. Три години Комитетот на министри на ЕУ гледа дека државата не ја спроведува пресудата во овој дел. Стразбур во јануари 2019 година изрично кажа да се донесат овие законски измени, а властите нив ги одлагаат дури за 2024 година.

    Лицето Икс за САКАМДАКАЖАМ.МК зборува што значи по толку долготрајни пеколни години да има (нов) матичен број, со пол кој одговара на името и на фотографијата на личната карта. ЕМБГ не му беше сменет веднаш откако ја доби пресудата, туку по година ипол. Но, сега тоа лице е одново родено, во еден поубав свет од порано и за првпат е рамноправно со нас, останатите граѓани.

    „Пресудата од Стразбур донесе голема промена во мојата ситуација. Ги немам проблемите кои ги имав на секој чекор. Можам слободно да кажам дека живеам добро, нормално, без тешкотии. Моите документи сега се на исто ниво како и кај останатите граѓани, па не добивам никакви дополнителни прашања. Никој не ме гледа попреку, никој не ме прашува за мојата интима. Немам никакви пречки во пристапот до добра, услуги, здравствена заштита. Имам стабилна работа. Едноставно, се е како и кај останатите граѓани. Ваквиот третман, кој го имаат сите цисродови луѓе и го земаат здраво за готово, а ние мораме да се избориме за истото, ваквиот третман, достоинствен и коректен, за жал е привилегија. Остануваат бројни транс луѓе во нашава држава кои и понатаму чекаат и покрај мојов преседан. Се работи за основно достоинство. Нема ниту една причина зошто да не се одобри промената и кај нив. Ги повикувам институциите да не ги одолговлекуваат постапките непотребно и да не создаваат проблем онаму каде што го нема. Темелите ги поставивме и промената и кај останатите транс лица кои побарале промена, е неизбежна“, вели Икс, со забелешка дека пресудата не е спроведена без закон кој ќе овозможи брза и транспарентна промена на ознаката за пол во матичниот број.

    Премиерот Ковачевски и министерот за правда Тупанчески индиректно одговорија дека нема да се прифати барањето повлечените измени на Законот за матична евиденција да се вратат во собраниска процедура, зашто се прави нов сеопфатен закон кој ќе се води по барањата во пресудата од Стразбур. Маричиќ не одговори воопшто. (Фото: СДК.МК)

    Овие малкумина наши сограѓани чувствуваат и живеат во различен род од полот со кој што се родиле. Во земјите со висок степен на почитување на човековите права, на трансродовите лица им е овозможена здравствена заштита, пристапност од хормонска терапија, до хируршка интервенција, согласно со родот кој природно го чувствуваат. Промената на матичните броеви на овие лица е основно право, за разлика откај нас, каде системот ги присилува да го носат полот во матичниот број, кој не соодветствува со нивниот род и кој не соодветствува со изгледот и фотографијата на личната карта. Тоа е изворот на сите проблеми кои ги доживуваат во општеството, вклучително и насилство.

    Тоа ги прави една од најбрутално дискриминираните граѓани во нашиот систем, каде и да се појават.

    Кај Икс се чини дека никогаш нема да исчезнат траумите, бидејќи со личната карта што ја имал порано, место да ги остварува сите права, постојано бил распрашуван и одбиван, дискриминиран и препраќан, како за работа и за изнајмување стан, така и во банка и во други институции.

    „Сега кога ознаката за пол и матичниот број се усогласени со името и изгледот, никој не претпоставува дека сум транс и нема никаков проблем. Проблемот се појавува кога за поединецот ќе дознаат или ќе претпостават дека е транс. Проблемот се појавува кај секој што ќе ги види нашите неусогласени документи. Во нивната глава. Ова е социјален проблем, кој се создава поради предрасудите и лошиот третман кон транс-луѓето. Социјален проблем, кој навистина не мора да постои“, вели лицето Икс.

    Адвокатката Наташа Бошкова од невладината организација „Маргини“, која го застапуваше Икс пред Стразбур и ја доби пресудата, пред околу две недели до Владата поднесе барање повлечените измени на Законот за матична евиденција, итно да се вратат назад во Парламентот и да се изгласаат. Со потсетување дека пресудата од Стразбур тоа ѝ го наложува нма нашата држава. Истото барање го поднела и до Министерството за правда и до Секретаријатот за европски прашања.

    САКАМДАКАЖАМ.МК ги праша премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за евроинтеграција Бојан Маричиќ и министерот за правда Никола Тупанчески – што мислат за барањето поднесено од Бошкова повлечените измени да се вратат во собраниска процедура, да се изгласаат и да траат додека не биде изготвен и додека стапи во сила новиот сеопфатен Закон за матична евиденција?

    „Премиере, вицепремиере и министре, што ќе одговорите на овој предлог? Дали сте согласни со барањата на трансродовите лица, кои доживуваат страшни малтретирања и дискриминација при вработување, при вадење сметка во банка, при изнајмување, купување стан? Лица со изглед на мажи се принудени да одат на гинеколог?“, ги прашавме тројцата до кои беше адресирано барањето. Не одговори само Маричиќ.

    Премиерот Ковачевски и министерот за правда Тупанчески индиректно одговорија дека барањето нема да се прифати, зашто се прави нов сеопфатен закон за матична евиденција, кој ќе се води по барањата во пресудата од Стразбур.

    „Во контекст на Вашето прашање, во Министерството за правда е формирана работна група која во новото законско решение кое го уредува системот на евиденција во матичните книги ќе ја земе предвид токму судската пракса на Европскиот суд за човекови права. Очекуваме дека со ова решение ќе се отстранат сите недоследности кои довеле до одлуката на Европскиот суд, и што е најважно, кај сите граѓани да го зајакнат чувството за еднаквост и заштита од институциите“, вели Ковачевски.

    И Тупанчески посочи дека во Министерството се преземаат различни иницијативи за надминување на правните празнини токму во насока на извршување на пресудите на ЕСЧП меѓу кои и пресудата во случајот Х против Северна Македонија, за што беше формирана работна група која работеше на законски измени и дополнувања во насока на извршување на наведената пресуда.

    „Но, имајќи предвид дека одредбите од Законот за матичната евиденција се застарени и не одговараат на реалната состојба со која се соочува нашиот правен систем, се јави потребата од донесување на нов закон во насока на подобрување на системот за регистрација на новородени деца, состојбата со неевидентираните лица и потребата од дополнително усогласување на одредбите со Законот за неевидентираните лица во Матичната книга на родените, кој е донесен во 2020 година. Законското решение со кое се уредува системот на евиденција во матичните книги на родените, венчаните и умрените треба се усогласи и со процесот на дигитализација и интероперабилност“, наведува Тупанчески дека се изработува нов закон кој треба да ги реши и другите проблеми, заедно со тие на трансродовите лица.

    Адвокатката Наташа Бошкова од невладината организација „Маргини“ се надева дека Владата ќе ја препознае важноста да се остане на патот и заложбите од 2018 година, кога се почна со пишувањето на измените, и дека ќе ги усвои и достави повторно во Собрание. (Фото: СДК.МК)

    Бошкова инсистира дека клучно за спроведување на пресудата е донесување на закон кој јасно ќе ја пропише процедурата, критериумите и роковите за постапување и луѓето нема да чекаат со месеци и години предметот да дојде на повторно разгледување пред Второстепената владина комисија за да добијат позитивна одлука. Според сегашната состојба, сите овие луѓе на кои им е извршена промената на податокот за пол во матичните книги, треба сами да ги усогласат со нивните лични документи во секоја институција или приватна компанија што ги има нивните податоци, поединечно.

    „Ќе треба да се усогласат останатите закони и подзаконски акти со цел непречено да се ажурираат податоците во сите бази на податоци кои водат евиденција за граѓаните. Тука спаѓаат Фондот за здравствено осигурување, УЈП, Централен регистар, банки, телекомуникациски компании, образовни институции. Така што, неопходно е донесување на измените на Законот за матична евиденција и тоа би значело само прв чекор во препознавањето на транс луѓето и признавање на нивниот родов идентитет.

    Дополнително, ќе треба да се најде модел како оваа промена да се одрази во сите сфери без дополнителна повреда на правата на транс луѓето и нивно изложување на непријатни ситуации во докажување на нивниот идентитет“, вели Бошкова.

    Таа сепак се надева дека Владата ќе ја препознае важноста да се остане на патот и заложбите од 2018 година, кога се почна со пишувањето на измените, и дека ќе ги усвои и достави повторно во Собрание.

    „Во изминатите неколку години пред домашната и меѓународната јавност носители на високи функции, односно претседател на држава, потпретседател на влада за европски прашања, министри, ја изразија политичката поддршка за донесување на измените на Законот за матична евиденција согласно барањата за спроведување на пресудата Икс против Македонија на ЕСЧП. Отпочнувањето на преговорите со ЕУ го стави во фокусот слабиот напредок на државата во спроведувањето на пресудата и се наметнува потреба од побрзо донесување на измените на законот. Повлекувањето на законот веќе е нотиран во Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2022 година, а подготовка на нов Закон за матична евиденција само ќе го одолговлечи усвојувањето на постапката за правно признавање на родот, прашање за кое ги поминавме сите чекори на консултации и за кои веќе има консензус помеѓу институциите и здруженијата кои учествуваа во подготовката, како и кај меѓународните организации“, вели адвокатката Бошкова.

    Место решавање на проблемот со малкутемина трансродови лица кои поднеле барање за промена на матичниот број со закон, се оди со парцијални решенија, крпеници.

    „Иако отсуствува законска рамка, мора да признаам дека таа несомнено изврши влијание на промена на праксата на Второстепената комисија. По промената на податокот за пол кај лицето Х, се забележува позитивна промена во донесувањето на одлуки на Комисијата со кои се дозволува промена на податокот за пол во матичната евиденција врз основа на самоопределување. Според мојата евиденција на случаи во кои сум била инволвирана, досега 13 луѓе го оствариле правото“, вели таа.

    Повлечените измени беа европски: Секој граѓанин кој наполнил 18 години, кој е деловно способен и кој не е во брак има право на законско признавање на неговиот пол. Постапката се иницира со барање поднесено од лицето (барателот) до Управата за водење матична евиденција, заедно со копија од лична карта, изјава заверена на нотар под целосна материјална и кривична одговорност дека родовиот идентитет не одговара на полот даден на раѓање и дека промената не се бара заради избегнување на законска обврска, ни за извршување на казна изречена од надлежен домашен или странски суд. Ако барањето е пополнето од полномошник, потребно е и полномошно. Формата на барањето ја пропишува Министерството за правда.

    Постапката за законско признавање на родот не смее да бара доставување докази за хируршка процедура за целосна или делумна прераспределба на гениталиите, за хормонска терапија или за кој било друг психијатриски, психолошки или медицински третман на апликантот. Новиот извод од матичната книга на родените се издава без никаква назнака за промена на полот, стоеше во повлечените измени од Собранието.

    „Владата беше на став дека треба да се подготви нов Закон за матичната евиденција. Во оваа насока се нагласува дека законската регулатива ќе се измени и во другите аспекти кои не се поврзани со правниот род, и ќе биде усогласен со другото релевантно домашно законодавство и со сегашното административни практики“, стои во одговорот на Македонија до Стразбур, за тоа како сме ја спровеле пресудата.

    На 22 јули 2022 година беше формирана нова работна група за подготовка на нов Закон за матичната евиденција. Тоа значи дека за жал, сè се врати на почеток.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира