ЗНМ БАРА ДА СЕ ОТСТРАНИ „НЕГАТИВНО МИСЛЕЊЕ“ ОД ЗАКОНСКАТА ДЕФИНИЦИЈА ЗА НАВРЕДА, ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА ВЕЛАТ ДЕКА Е НАПРАВЕНА ГРЕШКА

    ЗНМ БАРА ДА СЕ ОТСТРАНИ „НЕГАТИВНО МИСЛЕЊЕ“ ОД ЗАКОНСКАТА ДЕФИНИЦИЈА ЗА НАВРЕДА, ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА ВЕЛАТ ДЕКА Е НАПРАВЕНА ГРЕШКАЗНМ бара дефиницијата за навреда соодветно да се коригира на начин што ќе се врати старата дефиниција од законот од 2013 година. - Предложеното законско решение (горе) и актуелното (доле) (Фото: принтскрин)

    Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) бара од дефиницијата за навреда во предложениот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета да биде отстранет делот „негативно мислење“ и да биде вратена старата дефиниција од законот од 2013 година. Според предложениот закон, за навреда ќе се одговара и за изразување негативно мислење, покрај омаловажувачко или понижувачко, како што е случај досега.

    „Во предлог законот за клевета и навреда, во моменталната верзија, во дефиницијата за навреда се вели дека ќе се одговара и за изразување на „негативно мислење“. Оваа дефиниција е нова и се разликува од постоечкиот закон, а на начинот на кој е дефинирана остава простор за погрешно толкување од страна на граѓанскиот суд на штета на слободата на изразување. ЗНМ бара ова, во дефиницијата за навреда соодветно да се коригира на начин што ќе се врати старата дефиниција од законот од 2013 година која, во тоа време, беше позитивно оценета и од ОБСЕ и Советот на Европа“, велат од ЗНМ.

    „За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед“, е формулацијата од актуелниот закон.

    „За навреда одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, со
    изјава, содржина, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази омаловажувачко, понижувачко или негативно мислење“, е формулацијата во предложениот закон.

    Од ЗНМ додаваат дека иако во локалната судска пракса предметите кон медиумски работници се пред сè за клевета и речиси да нема за навреда, ваквата дефиниција доколку не се измени може да поттикне во иднина бран на тужби кон новинарите само за искажано мислење што во основа е спротивно со начелата на слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните.

    Министерството за правда денеска соопшти дека формулацијата во однос на предложениот Закон за граѓанска одговорност каде за навреда се одговара и за „негативно мислење“ е грешна формулација за што ќе се интервенира веднаш во амандманската расправа.

    Предложениот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета е во фаза на прво читање во Собранието.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира