АКО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС” НЕ БЕШЕ ОБЛОЖЕНА СО ОТРОВ КОЈ УБИВА ПОБРЗО ОД ПЛАМЕН, АКО ИМАШЕ ВЕНТИЛАЦИЈА И ИЗЛЕЗИ ЗА ЕВАКУАЦИЈА, НЕМАШЕ ДА НИ ЗАГИНАТ 63 ЛУЃЕ, РЕЧЕ КОЧАНСКИОТ ОБВИНИТЕЛ КОЈ ГИ РАСПЛАКА РОДИТЕЛИТЕ

    АКО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС” НЕ БЕШЕ ОБЛОЖЕНА СО ОТРОВ КОЈ УБИВА ПОБРЗО ОД ПЛАМЕН, АКО ИМАШЕ ВЕНТИЛАЦИЈА И ИЗЛЕЗИ ЗА ЕВАКУАЦИЈА, НЕМАШЕ ДА НИ ЗАГИНАТ 63 ЛУЃЕ, РЕЧЕ КОЧАНСКИОТ ОБВИНИТЕЛ КОЈ ГИ РАСПЛАКА РОДИТЕЛИТЕ„Злодело е самото постоење на клубот Пулс“, кажа обвинителот Јанев во воведните зборови. (Фото: СДК.МК)

    Во воведниот збор на почетокот на судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, обвинителот Борче Јанев го опиша настанот како „катастрофа што е пропуст на човечка рака“ и „институционално зло“. Обвинителот рече дека „изгоре иднината на прекрасни млади луѓе“ кои дошле само за забава.

    Обвинителот вели дека има потреба од соочување со вистината за да може општеството да продолжи натаму. Тој праша кој дозволил објектот да работи без дозвола, кој дозволил влез и престој во небезбедната дискотека, и кој дозволил запаливи средства во неа.

    „Катастрофата во Кочани е пропуст на човечка рака. Ова е институционално зло. Изгоре иднината на прекрасни млади луѓе, кои дојдоа таму само за забава и радост. Ако премолчиме и ја изгубиме вистината, ако не се соочиме со неа, никогаш нема да имаме сила како општество да продолжиме натаму. Кој дозволи работа на објект кој немал дозвола? Кој дозволи влез во небезбедната дискотека? Кој дозволи престој во неа? Кој дозволи запаливи средства во објектот? Не може да остане вината само на тој што ги активирал пиротехничките средства. Злодело е самото постоење на клубот Пулс“, кажа обвинителот.

    Понатаму во воведните зборови, обвинителот рече дека обвинетиот Дејан Јованов – газда Деко во трката за профит ги заобиколувал сите препреки, инспекции, бариери, не ги обезбедувал документите, а никој не му ги ни барал, фалсификувал, а го заглавил и сопственото дете.

    „А каде се инспекциските служби“, праша обвинителот.

    „Криминалните активности на обвинетите траеле исклучително долг период, од 2012 година до 16 март 2025 година. Ниедна од лиценците не смеела да биде издадена, зашто објектот ги немал исполнето безбедносните услови. Инспекциите не вршеле контроли никогаш. Фитилот на оваа катастрофа е уште од 2012 година, кога обвинетиот Јованов ја ангажирал проектантката Милка Едровска за прикажување на објектот – работилница за лесна индустрија, во локал за кабаре и дискотека. Тогаш Министерството за економија не издало дозвола, но за само две недели Јованов ги отстранил сите бариери. Иако инспекторот Блашка знаела дека објектот не ги исполнува ни минимално-техничките услови, таа излажала дека се исполнети. Тогашниот министер за економија Ваљон Сарачини, ја издал дозволата. Дискотеката проработела, почнала да се преполнува, а ни градоначалникот тогашен, ни локалните инспекции никогаш не направиле проверки. Тие не се јавиле ни во Пазарната инспекција, ни во Министерството за економија за неправилностите во небезбедниот локал. Никој од обвинетите и во годините потоа, не презел ни контрола ни надзор како работи таа дискотека. Групата ДНК ја договориле синот и таткото Јованови. И претходно оваа група таму настапувала со истите огнени ефекти. Критичната вечер во просторијата без вентилација и помошни излези за евакуација, агенцијата за обезбедување Рубикон и обвинетите обезбедувачи вработени во Рубикон, дозволиле дискотеката да се пренатрупа. Обезбедувањето пуштило внатре над 600 луѓе, без идентификација на малолетниците. Ако дискотеката не беше обложена со отров кој убива побрзо од пламен, немаше да се случи катастрофата во која ни изгореа 63 млади луѓе, а 212 беа повредени. Затоа ние овде бараме правда”, кажа обвинителот, кој ги расплака родителите на загинатите. Истовремено тие му дадоа и аплауз.

    За најголемата несреќа во земјава во која на 16 март која изгореа 63 млади луѓе и деца, а 212 беа повредени, обвинети се: газдата на „Пулс“ Дејан Јованов-Деко спроведен од затвор Куманово, Митко Стојанов, синот на Деко Михаил Јованов , Гроздан Милчковски, Милка Едровска, Тодор Јованов, Огњан Георгиев, Љупчо Стаменков, Николчо Коцев, Ратко Димитровски, Николчо Илиев, Љупчо Папазов, Јане Јанчески, Лазар Захариев, Ивица Грозданов, Стојанчо Димитријев, Шабан Салиу, Мартин Георгиев, Аднан Џафероски, Беким Максути, Џевад Селами, Љупчо Грнчиштанов, Ваљон Сарачини, Крешник Бектеши, Џеваир Камбери, Шевкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу, Арлинда Хасапи, Миле Ампов, Блашка Ефтимова, Весна Кизмановска, Емил Митев, Размена Чекиќ-Дуровиќ, газдата на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ Александар Нацев.

    Судењето продолжува на 25 ноември.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира