АМЕРИКАНЕЦ И ФРАНЦУЗИНКА ПОЗИТИВНИ НА ХАНТАВИРУС ПО ВРАЌАЊЕТО ОД КРУЗЕРОТ, НАД 90 ПАТНИЦИ ДОСЕГА ВРАТЕНИ ДОМА

    АМЕРИКАНЕЦ И ФРАНЦУЗИНКА ПОЗИТИВНИ НА ХАНТАВИРУС ПО ВРАЌАЊЕТО ОД КРУЗЕРОТ, НАД 90 ПАТНИЦИ ДОСЕГА ВРАТЕНИ ДОМААмбулантни возила превезуваат петмина француски патници во болница во Париз (Фото: Гети)

    Американски државјанин имал позитивен тест за хантавирус, додека друг бил со благи симптоми, откако се вратиле од патувањето со крузерот погоден со смртоносниот вирус, објави американското министерство за здравство. Тие се меѓу 17-те мина патници кои се вратиле во САД со владиниот чартер-лет, кои дополнително ќе бидат проверени во здравствена установа во Небраска.

    Повеќе од 90 патници од холандскиот крузер „Хондиус“, кој сега е закотвен на Канарските Острови, се вратиле во своите земји. Официјални лица велат дека ризикот од големо ширење на вирусот е многу мал.

    Досега починаа тројца патници од крузерот, сопружници од Холандија и една Германка. Двајца од нив имале позитивен тест за хантавирус.

    Француската министерка за здравство Стефани Рист изјави дека Французинка која се вратила во земјата имала позитивен тест за хантавирус, додавајќи дека таа е во изолација во Париз и нејзиното здравје се влошува. Уште еден француски државјанин кој се вратил од патувањето има симптоми на болеста, кои обично вклучуваат треска, екстремен замор, болки во мускулите, болки во стомакот, повраќање, пролив и отежнато дишење. Светската здравствена организација (СЗО) препорача 42 дена изолација за оние кои го напуштаат бродот „Хондиус“.

    Шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, предупреди дека одлуката на САД да не ги следат упатствата на неговата организација во врска со хантавирусот може да носи ризици. Џеј Батачарја, актуелниот директор на американските Центри за контрола и превенција на болести, рече дека не сакаат да предизвикаат јавна паника, инсистирајќи дека пренесувањето од човек на човек е ретко и не треба да се третира како ковид.

    Вирусот е потврден и кај двајца британски државјани, кои се на лекување во Холандија и Јужна Африка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира