Поранешната членка на ДИК, Анета Стефановска од ВМРО-ДПМНЕ, во завршен збор за „Титаник“ кај што е обвинета за гласање по нарачка да се поништи чист прв изборен круг во Струмица на локалните избори во 2013 година, денеска плачеше во Кривичниот суд.
„Многу негативно влијае ова на моето здравје. Зошто ова се случи, како се најдов јас обвинета? Јас сум професионалец цело мое функционерство, а сум била повеќе години на високи функции во државата и таква ќе останам. Јас сум имала ревизии, немам дамка во работењето. Ни за бомби знам, ниту некој ми нарачал како да гласам во ДИК. Гласав по лично убедување и согласно законот“, плачеше Стефановска додека го даваше завршниот збор.
„Мене чесен суде кога ми се слоши минатиот пат, не по вина на судот се разбира, цела Битола прашуваше што ни прават внатре во судот. Тоа влијае на моите чувства и морални квалитети“, пак се расплака Стефановска.
Таа побара ослободителна пресуда за себеси.
Судијата Огнен Ставрев даде пауза, пред завршниот збор што ќе го дава адвокатот на обвинетиот Сашо Мијалков. Мијалков е обвинет дека нарачал преку обвинетиот Мендух Тачи, тогашниот член на ДИК Бедредин Ибраими, кој исто така е обвинет, да биде четвртиот глас покрај гласовите на обвинетите Стефановска, Сашо Срцев и Влатко Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ, да го поништат гласањето онака без причина, бидејќи било во корист на Зоран Заев.
С. К. ДЕЛЕВСКА