АТЕНТАТОТ ВРЗ ТРАМП ОТКРИ БЕЗБЕДНОСНИ ПРОПУСТИ НА ТАЈНАТА СЛУЖБА

    АТЕНТАТОТ ВРЗ ТРАМП ОТКРИ БЕЗБЕДНОСНИ ПРОПУСТИ НА ТАЈНАТА СЛУЖБАСе чини дека истрелите дошле надвор од областа што ја обезбедува Тајната служба, соопшти ФБИ и кажа дека го презеде раководењето со истрагата за нападот. (Фото: АП)

    Доналд Трамп беше застрелан во увото за време на вчерашниот предизборен митинг, по голем безбедносен пропуст, напад кој најверојатно ќе ја преобликува овогодинешната претседателска трка и ќе ги поттикне долгогодишните стравувања дека кампањата може да прерасне во политичко насилство. Во нападот загина едно лице, а двајца гледачи на итингот се тешко повредени. Атентаторот, Томас Метју Крукс (20), беше убиен.

    Во моментите по пукањето, Трамп беше преплавен и прикриен од неговите безбедносни агенти. Тој брзо се појави, лицето му беше ишарано со крв и ја крена тупаницата во воздух, изговарајќи ги зборовите „Борете се! Кампањата на Трамп подоцна рече дека тој е добро.

    Пукањето веднаш покрена прашања за безбедносните пропусти на Тајната служба, која им обезбедува доживотна заштита на поранешните претседатели, меѓу кои е и Трамп.

    Рон Мус, поддржувач на Трамп на митингот, рече дека слушнал за четири истрели.

    „Видов како толпата слегува надолу, а потоа Трамп исто така брзо се спушти“, рече тој. „Тогаш од Тајната служба сите скокнаа и го заштитија штом можеа“, рече тој.

    „Би-Би-Си“ интервјуираше човек кој рече дека е очевидец, и кажа дека видел маж вооружен со пушка како ползи на покривот во близина на настанот. Лицето, кое „Би-Би-Си“ не го идентификуваше, рече дека тој и луѓето со кои бил почнале да покажуваат кон човекот, обидувајќи се да го предупредат обезбедувањето, но тие не реагирале.

    Се чини дека истрелите дошле надвор од областа што ја обезбедува Тајната служба, соопшти ФБИ и кажа дека го презеде раководењето со истрагата за нападот.

    Според анализтаа на „Би-Би-Си“ потврдена и од властите, атентаторот бил на покрив на зграда лево од сцената каде говореше Трамп, а полициски снајперист  бил на покрив од зграда зад сцената и наспроти зградата каде бил напаѓачот. (Фото: Би-Би-Си)

    На брифинг доцна синоќа, претставници на ФБИ им рекоа на новинарите дека е изненадувачки што осомничениот можел да испука повеќе истрели. Тајната служба немаше претставник на тој брифинг, на кој беа вклучени ФБИ и државни службеници за спроведување на законот. Неколку часа по нападот, Надзорниот комитет во Претставничкиот дом на САД, предводен од републиканците, ја повика директорката на американската Тајна служба Кимберли Читл да сведочи на сослушувањето закажано за 22 јули.

    „Американците бараат одговори за обидот за атентат на претседателот Трамп“, се вели во соопштението на Комитетот на социјалните мрежи.

    Очевидци за обидот за атентат врз Доналд Трамп зборуваат за човек со автоматска пушка кој зазел позиција на покрив на помалку од 200 метри од поранешниот претседател. Оваа верзија на настаните јасно се потврдува со бројните видеа што се појавија по пукањето.

    Една клучна снимка, направена јужно од рамно складиште со беж ѕидови, го покажува безживотното тело на стрелецот.

    Споредувајќи го ова со сликите од Google Maps, како и локацијата на дрвјата и сведоштвата на очевидци, „Би-Би-Си“ потврди дека тој се наоѓал на врвот на таа зграда, а тоа сега го потврдија и властите. Како што се гледа јасно на сликата, тоа било на само кратко растојание од бината каде што се одржувал собирот, што доведе до тешки прашања за безбедносните служби.

    ФБИ утрово го именуваше Томас Метју Крукс (20) од Бетел Парк, Пенсилванија, како субјект вклучен во обидот за атентат. Крукс, бил регистриран како републиканец, според избирачкиот список на државата, но федералните извештаи за финансирање на кампањи исто така покажуваат дека тој дал 15 долари на комитет за прогресивна политичка акција на 20 јануари 2021, денот кога претседателот Џо Бајден положи заклетва на функцијата. Бетел Парк е претежно бел, релативно добро ситуиран град во јужниот дел на пошироката околина на Питсбург. Местото на митингот, Батлер, е околу еден час возење северно од Питсбург.

    ФБИ соопшти дека истрагата останува активна и во тек. Сè уште не е идентификуван мотивот за обидот за атентат.

    Македонскиот премиер Христијан Мицкоски е меѓу бројните светски лидери кои го осудија атентатот врз поранешниот американски претседател.

    „Во овие моменти на тага, шок и загриженост на американскиот народ, како претседател на Владата, упатувам изрази на најголема осуда за кукавичкиот обид за атентат врз претседателот Доналд Трамп. Истовремено, на претседателот Трамп и на повредените граѓани им посакувам побрзо опоравување и заздравување. Нашите мисли и молитви се со претседателот Трамп, со неговото семејство и со американскиот народ“, објави на официјалниот фејсбук профил, кој изминатава недела престојуваше во официјална посета на Вашингтон за самитот на НАТО.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира