Македонската банкарска асоцијација (МБА) вели дека е надминат проблемот во врска со непреченото користење на услугите и производите на банките и штедилниците од страна на граѓаните на кои им е истечена важноста на личната карта со тоа што банките и штедилниците ќе ги прифаќаат потврдите од МВР дека е поднесено барање за издавање нова лична карта.
„Согласно со Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, како документ за идентификација на банкарските клиенти, покрај личната карта може да биде земена предвид и патната исправа (пасош). Оттука, граѓаните коишто имаат важечка патна исправа (пасош), а немаат важечка лична карта, услугите и производите од својата банка / штедилница може да ги користат со приложување важечката патна исправа. Притоа се имаат предвид и законските одредби, согласно со кои важноста на одредени патни исправи се продолжува до 31.12.2021 година. Во случаите кога граѓанинот – постоечки клиент на банка/штедилница не поседува ниту валидна патна исправа – пасош или патна исправа со важност продолжена до 31.12.2021 година, ниту валидна лична карта, за користење на услугите и производите на банката/штедилницата на којашто е клиент ќе може својот идентитет да го потврди врз основ на увид во матичниот број на граѓанинот наведен во потврдата издадена од Министерството за внатрешни работи дека е поднесено барање за издавање на нова лична карта и дека постапката за издавање е во тек. Конкретно, станува збор за потврдата којашто редовно се издава при аплицирање (фотографирање) за нова лична карта. Македонската банкарска асоцијација ја известува јавноста дека сите банки и штедилници веднаш започнуваат да го применуваат ваквиот начин на идентификување на клиентите коишто немаат валидна (важечка) лична карта, овозможувајќи им непречено користење на своите услуги и производи“, се вели во соопштението на МБА.
Во врска со ажурирањето податоци во банките, поради што на многу граѓани им беа блокирани сметките, Управата за финансиско разузнавање дала мислење банките и штедилниците да ги ажурираат податоците на клиентите во најкус можен рок од моментот на добивањето на важечка лична карта или патна исправа.
„Истовремено ја известуваме јавноста дека согласно со добиеното мислење од Управата за финансиско разузнавање, банките и штедилниците се должни за клиентите коишто во моментот немаат ниту валидна лична карта ниту валидна патна исправа, во најкус можен рок од моментот на добивањето на важечка лична карта или патна исправа, да направат ажурирање на документите и податоците за клиентот. Оттука, клиентите коишто во моментот немаат ниту важечка лична карта ниту важечка патна исправа (пасош), по добивањето на нов документ треба да ја контактираат својата банка / штедилница, со цел навремено ажурирање на податоците“, велат од МБА.
- ЗАЕВ ЌЕ БАРА НАЧИН ДА МОЖЕ ДА СЕ ГЛАСА СО ИСТЕЧЕНА ЛИЧНА КАРТА, НАД 40 ИЛЈАДИ ГРАЃАНИ НЕ МОЖАТ ДА ДОБИЈАТ НОВ ДОКУМЕНТ
- БАНКИТЕ СЕ ПРИНУДЕНИ ДА ИМ ГИ БЛОКИРААТ СМЕТКИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ БЕЗ НОВИ ЛИЧНИ КАРТИ, ЗАШТО ФИНАНСИСКОТО РАЗУЗНАВАЊЕ НЕ ГИ ПРИЗНАВА ЛИВЧИЊАТА ОД МВР
- ГРАЃАНИТЕ КОИ СЕ СЛИКАЛЕ ЗА ЛИЧНА КАРТА НАЈМАЛКУ УШТЕ ЕДЕН МЕСЕЦ НЕМА ДА ДОБИЈАТ НОВА, ВО БАНКА ЌЕ ОДАТ СО ЛИВЧИЊАТА ОД МВР
Над 40 илјади граѓани, а таа бројка секојдневно расте, се со истечени лични карти и не можат да извадат нова, поради недонесувањето на измените на Законот за лична карта, кој е заглавен во Собранието. Измените се носат за усогласување на законот со Договорот од Преспа, т.е. во новите лични карти треба да стои уставното име Република Северна Македонија.
М. ИЛИОСКИ