БАНКИТЕ СЕ ПРИНУДЕНИ ДА ИМ ГИ БЛОКИРААТ СМЕТКИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ БЕЗ НОВИ ЛИЧНИ КАРТИ, ЗАШТО ФИНАНСИСКОТО РАЗУЗНАВАЊЕ НЕ ГИ ПРИЗНАВА ЛИВЧИЊАТА ОД МВР

    БАНКИТЕ СЕ ПРИНУДЕНИ ДА ИМ ГИ БЛОКИРААТ СМЕТКИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ БЕЗ НОВИ ЛИЧНИ КАРТИ, ЗАШТО ФИНАНСИСКОТО РАЗУЗНАВАЊЕ НЕ ГИ ПРИЗНАВА ЛИВЧИЊАТА ОД МВРГраѓаните кои поднеле барање за нова лична карта останаа само со хартивче од МВР, зашто пратениците место да расправаат за Законот за лична карта, си заминаа на одмор и уште ги нема да се вратат. (Фото:СДК.МК)

    Хаос со блокирани сметки во банка, неможност да се подигнат средства од шалтер, да се направат трансакции… настана по банките со ливчињата од МВР место нови лични карти. Пратениците си заминаа на одмор, не го изгласаа новиот Закон за лични карти, кој е со Република Северна Македонија и со опција за двојазичност според Законот за употреба на јазиците.

    МВР, сметајќи дека пратениците ќе го изгласаат новиот Закон за лични карти, си го надгради системот за лични документи и исправи и сега нема назад. Нови лични карти велат дека не смеат да даваат, 30-тина илјади граѓани кои поднеле барање за нова лична карта, останаа со ливчиња од МВР, кои не се лична исправа и не им важат никаде. Оваа бројка секојдневно расте, бидејќи МВР прима барања, но не издава нови лични карти.

    „Со оглед на тоа дека ливчето што ми го дадоа од МВР не ми го призна банката како валидна исправа, јас не можев да ја исполнам законската обврска да ги ажурирам податоците. Како што налага законот, неажурирани податоци – блокирање на сметката. Мојата трансакциска сметка од денеска е блокирана!“, испрати скопјанка утринава допис до САКАМДАКАЖАМ.МК .

    Бидејќи пратениците очигледно не им е гајле за прописите, затоа и не можеле да ги согледаат тешките последици за граѓаните, дел од опозицијата првин го блокираше законот со 1.500 амандмани, а остатокот спокојно си заминаа на одмор од 1 август и ги нема уште да се вратат.

    Она за кое нашите пратеници не се заинтересирани, покрај другото, е дека постои Закон за спречување на перење пари и други приноси, кој е основата на Управата за финансиско разузнавање преку редовно ажурирање на податоците на граѓаните и на фирмите во банка, да контролира финансиски криминал. Банките се должни да работат под ваквата контрола на Управата, во спротивно вршат кривично дело.

    Управата за финансиско разузнавање и да сака, не може ливче од МВР да го признае за лична карта, т.е. документ за идентификација место лична карта. Оттаму ни банките не смеат за ажурирање на податоците на граѓаните да им прифаќаат како документ за идентификација некое ливче место валидна лична карта, зашто ќе добијат кривична пријава од Управата, т.е. од Финансиската полиција.

    Триаголникот: Управа за финансиско разузнавање – Народна банка на Македонија – МВР, бара решение за проблемот и веќе утре се очекува некаква солуција за хаосот што настана поради заглавениот закон. Се чека Управата да се изјасни дали тоа ливче од МВР ги содржи сите лични податоци што ги бара законот, за да може да служи место лична карта.

    За секојдневните потреби на граѓаните, пак, место лична карта, банките примаат идентификација и со валидна патна исправа. Но, проблемот е што многу од граѓаните поради пандемијата и опасност од заразување, не ги обновија навреме своите пасоши. Најзагрозената група граѓани се пензионерите со истечени лични карти, кои средствата ги подигаат во готовина, од шалтер. На овие случаи, им нема помош. Од што живеат и како живеат, никој не се секира.

    Народниот правобранител е преплавен со претставки од граѓани кои се соочуваат со проблемите и спас за блокираните сметки што воопшто не е по нивна вина, бараат таму. Уште пред да ескалира до овој степен проблемот, Народниот правобранител два пати алармираше, предупредуваше, но институциите не седнаа да најдат решение.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира