Белчишкото Блато, лоцирано во Општина Дебрца, како најсочуван блатен систем во Македонија, ќе добие статус „Парк на природата“. Како заштитено подрачје во рамките на „Натура 2000“, тоа ќе стане дел од Европската мрежа на заштитени подрачја. Со ова ќе се обезбеди негова целосна заштита, одржливо управување и искористување на туристичките потенцијали.
„Процесот за прогласување на Белчишкото Блато за Парк на природата е во завршна фаза. Започнавме со изработка на Студија за валоризација, на која ѝ претходеа неколкугодишни детални истражувања на флората, фауната и хидрологијата во периодот од 2018 до 2022 година. Процесот се одвиваше во соработка со Општина Дебрца, а следуваат јавна расправа и собраниска процедура“, вели Ѓоко Зороски, раководител на проекти за животна средина и консултант.
Зороски истакнува дека заштитата значително ќе влијае врз развојот на туризмот.
„Со ова Блатото ќе добие меѓународна димензија врз основа на своите природни и хидролошки вредности. Тоа е огромен извор на свежа вода за пиење, а во него се наоѓа и најголемата шума од евла во Македонија, со површина од 30 хектари. Блатото е голем ресурс за развој на екотуризмот, кој во иднина ќе стане попопуларен и се надеваме, подостапен“, додава тој.
Постапката за донесување на Предлог-законот за прогласување на Белчишкото Блато за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природата е започната. Преку Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), јавноста може да доставува свои забелешки, мислења и предлози.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање потенцираат дека учеството на јавноста е од клучно значење за обезбедување квалитетна и одржлива заштита, која ќе ги земе предвид и природните вредности и интересите на локалното население.
Белчишкото Блато претставува значајно живеалиште со висока биолошка разновидност. Тоа е важно за зачувување на ретките и загрозени видови од национално значење, како и за одржување на екосистемските услуги во регионот. Блатото се прихранува од 11 поголеми карстни извори, познати како Сини Вирој. Површината на самото блато зафаќа 137 хектари, додека предложената зона за заштита опфаќа 402 хектари. Иако во минатото биле копани одводни канали за земјоделски цели, тие и денес влијаат врз водниот режим на блатото.
С. ВРЕНЦОВСКА




