БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД ГРИП ЗА ЕДНА НЕДЕЛА СЕ ЗГОЛЕМИ ЗА 35 ОТСТО, ПОЧИНА 75-ГОДИШНА ЖЕНА ПО КОМПЛИКАЦИИ ОД ГРИП

    БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД ГРИП ЗА ЕДНА НЕДЕЛА СЕ ЗГОЛЕМИ ЗА 35 ОТСТО, ПОЧИНА 75-ГОДИШНА ЖЕНА ПО КОМПЛИКАЦИИ ОД ГРИПВо сезоната 2025/2026, вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 6.147. (Фото: К. Попов)

    Од 5 до 11 јануари во земјава се пријавени 2.3221 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, 34,6% повеќе во споредба со претходната недела, кога имало 1.725, кажа денеска д-р Драган Кочински, раководител на  Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

    Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со втората недела од минатата сезона (1.053) е зголемен за 2,2 пати, а во споредба со бројот за втората недела од типичната епидемиска крива е зголемен е за 39,1%.

    Д-р Кочински кажа дека е регистриран и првиот смртен случај по компликации од грип. Станува збор за 75-годишна жена од Скопје, која имала коморбидитети и не била вакцинирана против сезонски грип. Жената починала на Клиниката за инфективни болести.

    „Бројките се очекувани за овој период од годината. Точно е дека засега имаме раст неколку недели порано од очекуваното. Засега сме во средна активност и тоа засега не дава можност да даваме претерани мерки како што е продолжување на зимскиот распуст. Ја следиме состојбата и доколку има промени, ќе дадеме соодветни препораки“,  кажа д-р Кочински., додавајќи дека пикот на грипот се очекува од крајот на јануари до средината на февруари.

    Во однос на возрасната дистрибуција, 1.378 лица од новозаболените се на возраст од 15-64 години, 369 се лица на возраст над 65 години, 316 се деца на возраст од 5-14 години, 259 – деца на возраст од 0-4 години. Највисока инциденца (268,3/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.

    Заболените лица се пријавени од 25 Центри за јавно здравје: Скопје – 556, Тетово – 308, Куманово – 266, Охрид – 202, Прилеп – 127, Велес – 111, Кавадарци – 109, Штип – 95, Струмица и Битола – по 87 заболени, Дебар – 78, Гостивар – 71, Неготино – 54, Македонски Брод – 42, а во Кичево, Гевгелија, Свети Николе, Кочани, Виница, Крива Паланка, Кратово, Струга, Валандово, Пробиштип и Радовиш, бројот на заболени е помал од 30.
    Во Дебар, Охрид, Македонски Брод, Кавадарци и Неготино се бележи многу висока активност.

    Во сезоната 2025/2026, вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 6.147. Во споредба со истиот период од минатата сезона (2.408), бројот на пријавени случаи е зголемен за 2,6 пати, а во однос на моделот од последните 15 сезони (4.841) се регистрира зголемување од 27,0%.

    Заклучно со втората недела, во Македонија, вакцинирани се вкупно 79.017 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира