Бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид се наоѓа на 20 метри од куќата во која што во 1941 година воениот суд на бугарскиот фашистички окупатор осуди група партизани на чело со Лазар Колишевски на смрт со бесење поради организирање оружено востание против окупаторот.
Освен Колишевски, на смрт со бесење во отсуство е осуден и Петре Пирузе, додека Ќирил Главинчев, Андон Дуков и Јаќим Спироски се осудени на долгогодишни затворски казни.
Смртната казна на Колишевски е подоцна сменета со доживотен затвор, а откако Бугарија ја смени страната во Втората светска војна на крајот на 1944 година е пуштен на слобода. Пирузе никогаш не беше уапсен од окупаторот и активно учествуваше во Народноослободителната и антифашистичката борба како еден од најистакнатите команданти во партизанското движење.
Бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ се отвора денеска напладне од страна на истоименото здружение. Ова е втор ваков бугарски клуб по клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, кој што се наоѓа во еврејското маало.
Царот Борис Трети, по кој е именуван бугарскиот клуб во Охрид, владееше со Бугарија од октомври 1918 година до неговата смрт во август 1943 година. По водство на Борис Трети, во бугарската историографија познат како „Царот обединител“ зашто во соработка со Силите на оската земјата ја проширува во границите на Санстефанска Бугарија, Бугарија влезе во Тројниот пакт на нацистичка Германија, Италија и Јапонија. Во април 1941 тој дозволи германските сили од територијата на Бугарија да го нападнат Кралството Југославија, и за награда доби територии од распаднатата југословенска држава и Грција, меѓу кои голем дел од денешна Македонија. Во март 1943 година, Бугарија депортираше над 11 илјади евреи од окупираните територии во концентрационите логори Аушвиц и Треблинка. Почина неочекувано на 28 август 1943, набрзо по посетата на Хитлер. На престолот го наследи син му Симеон Втори, кој остана на чело на бугарската држава до септември 1946, а кој од јули 2001 до август 2005 беше премиер на Бугарија, под името Симеон Сакскобургготски.
За денеска е најавен протест во Охрид против отворањето на клубот „Цар Борис Трети“.