Сведочењето на обвинетиот Александар Василевски – Нинџа на судењето за организираниот напад во Собранието продолжи со протестите пред Државната изборна комисија кои почнаа на 17 декември 2016 година, а потоа зборуваше и за протестите на „За заедничка Македонија“.
„Највпечатлив говор од сите на протестите пред ДИК на Александар Василевски Нинџа му бил ’Ноќта на ножевите‘, како што го нарече говорот на Валентина Божиновска, но и тој на Никола Груевски, со папучите. Во февруари почнаа протестите на ’За заедничка Македонија‘, предводени од фиктивни водачи: Борис Дамовски, Игор Дурловски, Бетмен и Владо Јовановски, контролирани од структури на ВМРО-ДПМНЕ“, сведочеше Александар Василевски-Нинџа, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозува на уставниот поредок и безбедноста.
Тој кажа дека имал задача од директорот на УБК Владимир Атанасовски во присуство на прикриен агент да направи разговор со Игор Југ дали е прозападен или проруски. На средбата дошол и Јане Ченто и се сликале.
„Бетмен, Дурловски, Јовановски и Дамовски ги гледав во палатата на ВМРО-ДПМНЕ. Одеа кај Кирил Божиновски, познат како благајникот на ВМРО-ДПМНЕ. Тврдам дека 80 посто од луѓето на протестите беа од ВМРО-ДПМНЕ. Само 20 посто беа обични граѓани.
Фиктивните водачи Дамовски, Дурло, Бетмен…… држеа потпалувачки говори. Скандираа против Тиранска платформа, за унитарна држава. Членството на ВМРО-ДПМНЕ ги следеше“, кажа Нинџа.
На 26 февруари, 2017, кога Зоран Заев изјави дека со 67 пратенички потписи следниот ден ќе оди кај Иванов да побара мандат за влада, Никола Груевски на интервју на Сител рече: „Сакам да им порачам на сите граѓани дека ако сметаат и ако планираат со седење дома и гледање телевизија дека некој друг ќе им ја одбрани државата длабоко се во заблуда. Државата може во ваква ситуација да ја одбрани само народот… Тоа народот може да го докаже на дело и да покаже поинакво однесување и да покаже дека има и капацитет и волја и моќ да ја брани својата држава и јас верувам дека народот ќе дејствува и нема да се согласи со она што му се подготвува. И само народот е тој што може тоа да го спречи, никој друг. Политичарите, оние коишто се борат и бранат нема да можат сами, особено затоа што не се обединети, едни бранат, а другите се на другата страна. И само народот е тој кој што може да се вмеша и да ја заврши работата во однос на одбраната“.
По ова интервју, на 27 февруари почнаа протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ предводена од Борис Дамовски, Богдан Илиевски и Игор Дурловски
Сведочењето е во тек.
С. К. ДЕЛЕВСКА