ДЕБЕЛИ СЕ НАД 30 ОТСТО ОД ДЕЦАТА ОД 6-9 ГОДИНИ, ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ БАРА ДАНОЦИ ЗА ЗАСЛАДЕНИ ПИЈАЛОЦИ И ЗАБРАНА ЗА РЕКЛАМИРАЊЕ ХРАНА СО ВИСОКА СОДРЖИНА ШЕЌЕР, СОЛ И ТРАНС-МАСТИ

    ДЕБЕЛИ СЕ НАД 30 ОТСТО ОД ДЕЦАТА ОД 6-9 ГОДИНИ, ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ БАРА ДАНОЦИ ЗА ЗАСЛАДЕНИ ПИЈАЛОЦИ И ЗАБРАНА ЗА РЕКЛАМИРАЊЕ ХРАНА СО ВИСОКА СОДРЖИНА ШЕЌЕР, СОЛ И ТРАНС-МАСТИИзградбата на јавни зелени површини за рекреација и развој на инфраструктура за пешачење и велосипедизам се неопходни чекори за поттикнување на здравиот начин на живот. (Фото: К. Попов)

    Во Македонија, 30,4% од децата на возраст 6-9 години живеат со вишок килограми. Од нив, 13,8% живеат со дебелина, а 4,4% со екстремна дебелина, вели Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), на Светскитот ден на дебелината, 4 Март. Според ИЈЗ, дебелината претставува глобален предизвик кој ги погодува сите слоеви на општеството, без разлика на полот, возраста, социјалниот статус или населеното место. Во Македонија, како и ширум светот, се соочуваме со сè поголеми стапки на дебелина.

    „Меѓутоа, досегашните напори, кои главно беа насочени кон поединците, веќе не се доволни. Време е да се обединиме за промена на системите кои ја поддржуваат оваа здравствена криза. Време да ја поразиме т. н. ‘обезогена средина“, велат од Институтот.

    Во Македонија, исто како и на глобално ниво, стапките на дебелина се поттикнати со промените во економијата, зголемената потрошувачка на преработена храна, агресивното рекламирање на храна богата со шеќер, сол, заситени и транс масти, промените во животниот стил на населението во насока на потрошувачко општество и ниски нивоа на физичка активност.

    Од Институтот велат дека е потребно да се преиспитаат регулативите во системите за храна, здравствените политики и општествените услови кои влијаат на нашите секојдневни навики.

    „Потребно е да работиме на промената на системите за храна преку воведување ефективни регулативи за намалување на потрошувачката на храна и пијалаци кои ја поттикнуваат дебелината. Фискални политики, како што се даноците на засладени пијалаци и забраните за рекламирање на производи со висока содржина на шеќер, сол, заситени и транс масти, треба да станат задолжителни. Треба да се создадат јасни правила за обележување на храната, така што потрошувачите ќе можат да прават информирани избори за своето здравје.

    Истовремено, здравствениот систем во Македонија треба да биде подготвен за грижа на лицата со дебелина, со интегрирани програми за превенција и третман вклучени во здравствените пакети.

    „Ова подразбира пристап до примарни, секундарни и терциерни услуги за луѓето со дебелина, како и редовно следење на факторите на ризик и спроведување на превентивни мерки“, велат од ИЈЗ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира