ДЕНОТ НА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ БЕШЕ НАЈТЕЖОК ДЕН ВО МОЈОТ ЖИВОТ КАКО ЧОВЕК, НЕ САМО КАКО ПРЕМИЕР, КАЖА МИЦКОСКИ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ГОДИШНИНАТА ОД ТРАГЕДИЈАТА

    ДЕНОТ НА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ БЕШЕ НАЈТЕЖОК ДЕН ВО МОЈОТ ЖИВОТ КАКО ЧОВЕК, НЕ САМО КАКО ПРЕМИЕР, КАЖА МИЦКОСКИ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ГОДИШНИНАТА ОД ТРАГЕДИЈАТАПремиерот денеска ги прочита имињата на сите загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“, откако завчера родителите на настраданите реагираа дека на комеморацијата во Собранието ниедно дете не било спомнато со име и презиме. (Фото: Влада)

    Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Скопје ја отвори меѓународната конференција посветена на институционалните и клиничките решенија по пожарот во Кочани, одбележувајќи една година од трагедијата. Тој рече дека овој настан оставил длабока рана во општеството и дека институциите имаат одговорност да научат од лекциите и да создадат системи кои ќе бидат посилни од пропустите што доведуваат до несреќи.

    Мицкоски рече дека денот на пожарот бил најтешкиот во неговиот живот и како човек и како премиер.

    „Оваа голема несреќа се случи само 8 месеци откако јас станав премиер. Само 8 месеци од моето управување со државата се случи да се плати сметката за еден девастиран систем кој беше уништуваат со децении. Денот на несреќата не беше само најтешкиот мој ден како премиер, туку тоа беше најтешкиот ден во мојот живот како човек“, кажа Мицкоски.

    Тој додаде дека одговорот на прашањето кој е виновен треба да го дадат обвинителството и судовите, а не јавноста или некаков преки суд.

    Премиерот денеска ги прочита имињата на сите загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“, откако завчера родителите на настраданите реагираа дека на комеморацијата во Собранието ниедно дете не било спомнато со име и презиме.

    „Луѓето чии животи згаснаа не се бројка, туку судбини, личности, рече премиерот. Алексова Стефанија, Џамов Јорданчо, Трајчев Иван, Ѓоргиев Џоко, Коларов Александар, Величков Иван, Стојанов Андреј, Антова Ивона, Христовски Павел, Димитријев Диме, Насевски Никола, Богданов Тоше, Тодоровски Тоше, Коцева Ана, Живков Адријан, Петрушов Гордан, Горгиев Игорче, Стевановски Филип, Стојанов Томче, Стоименова Моника, Стојанов Стојанчо, Пројковска Николовска Capa, Шопова Марија, Ивановски Петар, Ѓорѓиев Александар, Марковски Матеј, Закова Бојана, Василков Ѓорѓи, Петров Александар, Минова Драгана, Алексова Capa, Ѓорѓиески Андреја, Ивановски Филип, Јорданова Capa, Стрезоска Марија, Ефремов Александар, Велков Игор, Тасева Стојковска Лепа, Атанасовски Мартин, Алексов Александар , Минов Божидар, Милковска Кети, Златков Томас, Соколова Стефанија, Велков Леонид, Наунова Надица, Јорданов Виктор, Панов Андреј, Иванов Димитар, Стоименов Спиро, Владимиров Јове, Андонов Ице, Тасевски Стефан , Величков Ѓорѓи, Стојанов Александар, Христова Сања, Танески Дамјан, Спасова Моника, Лазаров Андреј, Карадакоски Александар, Гавриловски Александар , Стефанов Стојанче, Блажев Владимир Панчо. Слава им“, кажа денеска Мицкоски.

    Во обраќањето, Мицкоски зборуваше и за брзата мобилизација на здравствените и безбедносните служби веднаш по несреќата, изразувајќи благодарност до лекарите и медицинскиот персонал, како и до партнерските држави од Европа кои преку механизмите за цивилна заштита ги отворија своите специјализирани клиники за повредените македонски граѓани. Тој рече дека државата ќе продолжи да им помага на семејствата на жртвите и на преживеаните бидејќи грижата за нив е долгорочна задача на институциите.

    Мицкоски најави и нови инвестиции во Кочани со цел градот да се развива и да стане поотпорно место за живеење. Како што кажа, во тек е подготовка на инфраструктурни проекти, реконструкција на локални улици и модернизација на комуналните системи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира