Наставник по физичко воспитување кој работел 5 години во едно основно училиште, останал без работа, иако исполнувал услови и имал најголем работен стаж во однос на колешките кои добиле решенија за трајно вработување.
Директорот на училиштето одбил да му го транформира договорот на определено време во договор на неопределено, зашто претпоставувал дека е политички неподобен, односно е од СДСМ. Директорот пак, бил поставен од градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ.
Според претставката што ја поднел избрканиот дипломиран наставник по физичко воспитување до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, откако директорот го избркал од работа, вработил нестручно лице, наставничка по македонски јазик.
Според правилата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, за да се заштити жртвата на дискриминација не се откриваат податоци кои што би можеле да доведат до негова идентификација. Целосната одлука на комисијата можете да ја прочитате тука.
Откако дискриминираниот наставник го пријавил случајот, директорот добил опомена од Државниот просветен инспекторат.
Ја тргнал наставничката по македонски од местото наставник по физичко, но повторно го скршил законот. На местото на наставничката по македонски јазик, за предметот физичко воспитување директорот вработил дипломиран тренер, место професор.
Комисијата за дискриминација во овој случај утврдила директна дискриминација во областа на работата и работните односи по основ на претпоставена политичка припадност.
Договорот на определено на дискриминираниот наставник му истекол во август 2024 година. Тој побарал да биде трајно вработен, а во јануари годинава, конечно му биле побарани документи од директорот.
Тој требало да ги даде на одлука на Општинската комисија за трансформирање на работниот однос на наставници. Но, таа воопшто не расправала за него, а одлучила позитивно за други колешки кои имале помал стаж од 5 години.
„Во Агенцијата за вработување останав само јас невработен“, наведува во претставката дискриминираниот наставник по физичко.
Тој не добил образложение зошто не е примен на работа ни од директорот, ни од општината.
Од општината стигнал одговор до Комисијата за дискриминација дека за подносителот на претставката не било одлучувано зашто фалел еден член во надлежната Комисија за трансформација на работниот однос на наставниците. Кога ќе бил избран член, тогаш ќе одлучувале за него.
Комисијата за дискриминација донесе препорака Општинската комисија за трансформација на работен однос да одлучи во рок од 30 дена за работниот однос на наставникот по физичко кој исполнува услови, а општината во иднина да се воздршува од дискриминација на жителите, на нивните права и да ги дели по политичка или по претпоставена политичка припадност. Во спротивно, ќе ги даде на суд.
С. К. ДЕЛЕВСКА