ДИЗЕЛОТ ПОЕВТИНИ ЗА РЕЧИСИ 30 ОТСТО, ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА ХРАНА ПОЧНАА ДА ПЛАЌААТ ПОЕВТИНА СТРУЈА, САМО ЦЕНИТЕ ПО МАРКЕТИТЕ НИКАКО ДА СЕ НАМАЛАТ

    ДИЗЕЛОТ ПОЕВТИНИ ЗА РЕЧИСИ 30 ОТСТО, ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА ХРАНА ПОЧНАА ДА ПЛАЌААТ ПОЕВТИНА СТРУЈА, САМО ЦЕНИТЕ ПО МАРКЕТИТЕ НИКАКО ДА СЕ НАМАЛАТИ последните официјални податоци за трошоците за живот од Државниот завод за статистика покажуваат дека поскапувањата продолжуваат, независно од цените на горивата и енергенсите. (Фото: СДК.МК)

    Цената на дизелот и другите горива на бензинските пумпи е намалена за речиси 30 отсто од нивото од пред шест месеци, но тоа не се одрази на цените на производите во малопродажба. Дизелот, кој се користи во транспортот и има големо влијание при формирање на цените во малопродажба, во јуни беше 110 денари, а денеска е 79,5 денари.

    Дополнително, од 1 декември, производителите на храна плаќаат повластена цена на електрична енергија, но засега не се исполнуваат очекувањата на Владата за намалување на цената на прехранбените производи за барем 10 отсто.

    И последните официјални податоци за трошоците за живот од Државниот завод за статистика покажуваат дека поскапувањата продолжуваат, независно од цените на горивата и енергенсите.

    Во ноември, споредено со октомври, повисоки цени има кај месото, рибата, млекото, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук, сирењето и урдата, кафето, чајот, јајцата, шеќерот, џемот, медот, чоколадата, пивото и кај лебот и житата. Ретко поевтинување има кај овошјето и кај маслото за јадење.

    По поголемите маркети, цените на основните прехранбени производи остануваат на исто високо ниво, а некои се и дополнително поскапени.

    Векна бел леб, која сега тежи помалку од 500 грама, е над 50 денари. Свежото свинско месо во зависност од видот и квалитетот се движи од 350-500 денари, јунешкото од 700-800 денари и пилешкото од 300-500 денари. Трајното млеко и понатаму е во опсег од 80-90 денари, а кашкавал не може да се најде под 500 денари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира