ФИРМАТА НА УНГАРСКАТА ТЕЛЕКОМУНИКАЦИСКА КОМПАНИЈА „4ИГ“ ЕДИНСТВЕНА ДАЛА ПОНУДА ЗА ТРЕТ МОБИЛЕН ОПЕРАТОР

    ФИРМАТА НА УНГАРСКАТА ТЕЛЕКОМУНИКАЦИСКА КОМПАНИЈА „4ИГ“ ЕДИНСТВЕНА ДАЛА ПОНУДА ЗА ТРЕТ МОБИЛЕН ОПЕРАТОРНовиот мобилен оператор треба да почне со работа на крајот на 2026; - Министерот за транспорт и врски Александар Николоски лани на 1 август објави дека во рамките на официјалната посета на Унгарија се сретнал со претедателот на „4иГ“ Групацијата Гелерт Jaсаи. (Фото: СДК.МК)

    Една понуда стигнала на тендерот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за доделување одобрение за нов мобилен оператор. Понудата е од „Оне Македонија телекомуникации“, македонска фирма на унгарската телекомуникациска компанија „4иГ“.

    На јавното отворање на понудите што се одржа денеска во АЕК, Комисијата за спроведување на тендерот рече дека понудувачот ги доставил сите документи и сега ќе се врши нивна евалуација, по што ќе се изготви извештај до директорот на АЕК со предлог што да се направи како следен чекор. Бидејќи има само една понуда, ќе нема јавно наддавање.

    Потенцијалниот нов мобилен оператор во земјава, според условите од тендерот, треба да почне со работа на крајот на 2026 година.

    Министерот за транспорт и врски Александар Николоски денеска кажа дека конкуренцијата е здрава работа и оти очекува пониски цени во мобилната телефонија.

    „Конкуренцијата е здрава работа и мора да има конкуренција. Јас во една прилика кажав, дали ќе влезе или не трет мобилен оператор  во државава, еве влегува, зависи само од постојните два оператори. За жал, во овие година и нешто ништо не направија ниту да ги подобрат услугите ниту да ги намалат цените, рече Николоски, на новинарско прашање пред денешниот состанок со раководството на Стопанската комора.

    Заклучно со првиот квартал од годинава, во државава се регистрирани 1.941.996 активни претплатници во мобилната телефонија, од кои најголем удел имаат двата мрежни оператори, „А1 Македонија“ (47,69 проценти) и „Македонски телеком“ (46,66 проценти). Удел од 3,38 проценти има „М-ТЕЛ“, виртуелниот мобилен оператор што влезе на пазарот во октомври 2022, а 1,34 проценти е на „Телекабел“.

    На 18 октомври 2024, унгарската телекомуникациска компанија „4иГ“ објави дека формираше своја фирма во земјава со што ја почна постапката да стане трет мобилен оператор, со целта да влезе што поскоро на телекомуникацискиот пазар во Македонија. Деловниот опсег на „Оне Македонија телекомуникации“ опфаќа мобилни, фиксни и сателитски телекомуникациски услуги, трговија на големо и мало со телекомуникациски и ИТ производи, како и деловни консултантски услуги.

    Како што објави тогаш „Призма“, компанијата е регистрирана на адресата на адвокатската канцеларија, „Михајлоски & Поповска“, каде коосновач е адвокатот Александар Михајлоски, познат како член на владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ.

    Владата лани на 4 август соопшти дека „4иГ“ е заинтересирана да влезе на македонскиот телекомуникациски пазар и доставила писмо со намери. Премиертот Христијан Мицкоски подоцна изјави дека за избор на трет мобилен оператор ќе има јавен повик, без да прецизира кога ќе се објави.

    Министерот за транспорт и врски Александар Николоски тогаш во неколку наврати изјави  дека Владата ќе воведе трет мобилен оператор за да се укине монополот што сега го имаат „Телеком“ и „А1 Македонија“. Тој лани на 1 август објави дека во рамките на официјалната посетна на Унгарија се сретнал со претедателот на „4иГ“ Групацијата Гелерт Jaсаи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира