Постојат слабости и неправилности во постапката за упатување за лекување во странство на осигурените лица, при што не е обезбедена соодветна правна заштита на барателите и не е воспоставена контрола и систем на следење на успешноста на лекувањето во странство, стои меѓудругото во извештајот на Државниот завод за ревизизија за Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
Ревизорите утврдиле дека побарувањата за дадени аванси за лекување во странство нецелосно се евидентирани и не се воспоставени соодветни контроли за потврдување на фактурите од странските болници.
„Ваквата состојба резултирала со тужбени барања од болница од Германија, за кои постои неизвесност за крајниот исход“, стои во извештајот.
Заводот изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Фондот за здравствено осигурување на за 2022 и велат дека ревизијата континуирано известува за слабостите во контролните активности за вршењето на здравствените услуги во здравствените установи кои не се соодветно воспоставени или спроведени, поради што не е обезбедено целосно потврдување на фактурите за извршени здравствени услуги.
„Непостоењето на единствен интегриран систем за издавање упати, лекарски извештаи и пресметки за извршени здравствени услуги, кои се основа за изготвување на месечни фактури/извештаи создава ризик од пропусти и грешки.Системските и мануелните контроли во процесот на препишување и издавање на лекови не се соодветно воспоставени и спроведени и постои ризик од плаќање на фактури за рецепти во вид и обем различен од реалниот. Иако од 2021 се започнати активности за воспоставување на систем еРецепт кој треба да овозможи целосна контрола во процесот на издавањето на рецепти и лекови и фактурирањето кон Фондот, истиот до денот на ревизијата не е имплементиран“, стои во извештајот.
Ревизијата во континуитет укажува на слабостите во функционирањето на ИТ системот на Фондот поради отсуство на ИТ стратегија, недостиг на ИТ кадар и застарена серверска структура, што во 2023 резултираше со сајбер напад на ИТ системот на Фондот. Од друга страна, при спроведувањето на постапките и реализацијата на договорите за јавни набавки на опрема и услуги за ИТ системот ревизијата констатира неправилности, односно дел од договорите не се склучени во законски предвидениот рок и не е обезбедена конкуренција.
Ревизорите укажуваат и дека листата на лекови на товар на Фондот која не е ажурирана и за Националната стратегија за е-здравство која сѐ уште не е усвоена.
Раководните лица на Фондот го добиле извештајот и дале забелешки, а овластениот државен ревизор ги разгледал и три не се прифатени.
„Останатите забелешки преставуваат известување за преземените мерки по дадените препораки и образложение за констатираните состојба“, велат од Заводот за ревизија.
Б. НЕСТОРОСКА