ГРУЕВСКИ ДО 8 НОЕМВРИ ВО ШУТКА, УПАТНИОТ АКТ ГО ДОБИ ДОДЕКА ЧЕКАШЕ ВО СУДОТ

    ГРУЕВСКИ ДО 8 НОЕМВРИ ВО ШУТКА, УПАТНИОТ АКТ ГО ДОБИ ДОДЕКА ЧЕКАШЕ ВО СУДОТНикола Груевски утринава пристигнува во Основниот суд Скопје 1 за судењето за предметот на СЈО „Траекторија“ за кинеските автопати. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Пред судењето за „Траекторија“ на СЈО, денеска во холот на Основниот суд Скопје 1 додека чекаше да влезе во судница како обвинет, службеник од судот му го врачи упатниот акт на Никола Груевски да се пријави до 8 ноември во затворот во Шутка на отслужување на двегодишната затворска казна за „Тенк“. Тој само го погледна документот, го стутка и го стави в џеб. Како што соопштија пак од судот, претходно имало еден неуспешен обид да му се достави упатниот акт на домашна адреса. Во актот е наведен максималниот рок од 13 дена до кога треба да се јави на издржување на правосилната казна.

    Поранешниот премиер Груевски е осуден во случајот „Тенк“ на СЈО, за незаконито влијание при набавката на луксузниот „мерцедес С-600 гард“ од безмалку 600.000 евра, пари на МВР.

    Груевски беше осуден на затворска казна во „Тенк“ од Основниот суд Скопје 1 на 23 мај, а првостепената пресуда ја потврди Апелациониот суд на 5 октомври.

    Во 2011 година, МВР донело одлука за купување блиндирано возило најмногу до 243.000 евра, поради осиромашениот буџет на министерството, но под влијание на тогашниот премиер Никола Груевски со барања за луксуз, Гордана Јанкулоска како министер потпишала одлука за набавка на ново возило од речиси 600 илјади евра.

    Јанкулоска во издвоена постапка за истиот предмет е неправосилно осудена на 6 години затвор. На 4,5 години затвор правосилно е осуден поранешниот помошник министер Ѓоко Поповски, кој ја спровел јавната набавка за „мерцедес“ и тој веќе ја отслужува заворската казна.

    Груевски може да побара одлагање на почетокот на извршувањето на казната (по член 89 од Законот за извршување на санкциите), ако:

    • се наоѓа на болничко лекување од потешка акутна болест или од зависности
    • се случила смрт или тешка болест во потесното семејство на осуденото лице
    • одлагањето е потребно заради извршување или довршување на неодложни полски или сезонски работи, или работи предизвикани од елементарна непогода, или со друга несреќа, а во семејството на осуденото лице нема доволно друга работна сила
    • осуденото лице е обврзано да изврши одредена работа што веќе ја започнало, а поради неизвршувањето на таа работа би настапила позначителна штета
    • одлагањето на осуденото лице му е потребно заради завршување на училишната година или за полагање на испит за кој се подготвувало
    • заедно со осуденото лице се осудени неговиот брачен другар или други членови на заедничкото домаќинство, или ако некои од нив се наоѓаат на издржување на казната, а со упатувањето на сите овие лица на издржување на казна би била загрозена издршката на старите, болните или малолетните членови на семејството, или би се довело во прашање нормалното стопанисување на домаќинството
    • е осудена жена чие дете е помало од една година или која е бремена, а до породувањето не преостануваат повеќе од три месеца, и ако:
    • е потребно осуденото лице одредено време да се грижи за воспитување и чување на децата или згрижување на немоќни лица за кои е должно да се грижи, според мислењето на органите за социјална заштита на општината на чие подрачје децата или тие лица имаат живеалиште.

    Груевски може да искористи и вонредни правни лекови за преиспитување на одлуката на Апелација, но тоа не го одлага извршувањето на казната. Овие работи тие ќе може да си ги брка од затворска установа.

    Ако искористи правни лекови од Врховниот суд, судот нема да може да одлучува без да побара мислење од надлежниот јавен обвинител.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира