И ОД ГРЧКА СТРАНА ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН МАРКОВА НОГА-ЛЕМОС, ЌЕ СЕ МИНУВА САМО СО КОЛИ

    И ОД ГРЧКА СТРАНА ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН МАРКОВА НОГА-ЛЕМОС, ЌЕ СЕ МИНУВА САМО СО КОЛИСтартот на работи од грчка страна го најавија двајцата министери за внатрешни работи на Македонија, Панчо Тошковски и на Грција, Теодорос Ливаниос, и евроамбасадорот Михалис Рокас. (Фото: СДК.МК)

    Во присуство на двајцата министери за внатрешни работи на Македонија, Панчо Тошковски и на Грција, Теодорос Ливаниос и евроамбасадорот Михалис Рокас, во грчкиот дел на Преспа денес почнаа работните активности финансирани од ЕУ за отворањето на граничниот премин Маркова Нога-Лемос, кој е затворен 58 години.

    Со новиот премин времето на патување помеѓу Ресен и Лемос ќе се намали од над 2 часа на само 40 минути, овозможувајќи поголема прекугранична мобилност, посилна економска и културна размена и поттик на регионалниот туризам. Граничниот премин ќе биде наменет за автомобили и патнички возила до 10 лица, но не и за камиони и автобуси, за да се заштити кревката природна и културна средина на областа.

    „Проектот и граничниот премин Маркова Нога-Лемос се повеќе од инфраструктурни инвестиции. Тие се симбол на нова ера обележана со можности и единство. Денес отвораме повеќе од проект, отвораме нови патишта за нашите народи, нашите екомомии. Ова е конкретна демонстрација на политичка волја, техничка способност и нашето заедночко разбирање дека во денешна Европа границите треба да повзруваат, а не да разединуваат“, рече министерот  Тошковски.

    Грчкиот министер Ливаниос кажа дека Преспа е едно од најубавите места на Балканскиот Полуостров и дека сега ќе им се даде можност на туристите да можат да го посетат целиот регион, а за преспанскиот регион ќе значи поголема соработка.

    Евроамбасадорот Рокас рече дека е почестен што ќе биде првиот кој ќе го премине овој граничен премин.

    Работите финансирани од ЕУ за отворање на преминот во Македонија започнаа во март 2025 година и опфаќаат изградба на нова царинска зграда во Маркова Нога. Издвоени се 2 милиони евра во рамките на програмата „ЕУзаПреспа’’. Работите ќе завршат во летото 2026 година.

    Преку проектот „БорПрес2“ за прекугранична соработка ќе се опфати изградба на нова царинска и полициска контролна зграда во Лемос, Грција како и реновирањето на постојната полициска станица во Маркова Нога во Македонија. За оваа намена се издвоени 7,73 милиони евра од ЕУ. Временскиот рок за работите е 36 месеци.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира