ЈОТОВА ВО ЕВЛА, РЕСЕНСКО, ЌЕ ПОСЕТИ ТУРИСТИЧКИ ОБЈЕКТ РЕКОНСТРУИРАН ЗА БУГАРСКИ ЛОВНИ ТРАДИЦИИ ОД ВРЕМЕТО НА ЦАР САМОИЛ ДО ДЕНЕС

    ЈОТОВА ВО ЕВЛА, РЕСЕНСКО, ЌЕ ПОСЕТИ ТУРИСТИЧКИ ОБЈЕКТ РЕКОНСТРУИРАН ЗА БУГАРСКИ ЛОВНИ ТРАДИЦИИ ОД ВРЕМЕТО НА ЦАР САМОИЛ ДО ДЕНЕСНа таблата поставена пред објектот пишува „бугарска помош за развој на Министерството за надворешни работи преку Генералното конзулство на Република Бугарија во Република Северна Македонија“. (Фото: СДК.МК)

    „Бугарски ловни традиции од времето на цар Самоил до денес“ е насловен проектот за реконструкција на туристички објект ловечка куќа во ресенското село Евла, што вечерва ќе го посети бугарската потпретседателка Илијана Јотова. Реконструкцијата на објектот е направена со средства на меѓународни фондови, но по оглас објавен во Бугарија. На таблата поставена пред објектот пишува „бугарска помош за развој на Министерството за надворешни работи преку Генералното конзулство на Република Бугарија во Република Северна Македонија“. Пред објектот беа изложени македонското, бугарското и знамето на ЕУ. Патот беше обложен со чакал, а кога пристигнавме таму полицијата само што заминуваше.

    Освен во ловечката куќа, планирано е Јотова да посети спомен-облежје во близина на селото останато од Втората светска војна. (Фото: СДК.МК)

    При нашата посета на ловечката куќа затекнавме жена која со проектот конкурирала на оглас распишан од Бугарија откако, како што рече, претходно била одбивана на повиците за добивање средства од европските фондови во земјава. Таа одби да даде официјална изјава, зашто според протоколот тоа денес не ѝ е дозволено и рече дека за медиумите може да зборува дури од утре.

    Ловечката куќа е во рамките на ловиштето на Галичица, а концесионерот рече дека тие не вршат никакви притисоци врз жителите од селото за да се бугаризираат или да земат бугарски пасош. Напротив, тој рече дека 12 години во ловиштето го вложил целиот капитал заработен во Канада.

    Јас се чувствувам како Македонец и Македонец ќе останам, нити некој се плаши нити има апетити за бугарски пасоши“, рече Зоран Гичевски од Евла. (Фото: СДК.МК)

    Освен во ловечката куќа, планирано е Јотова да посети спомен-облежје во близина на селото останато од Втората светска војна. Жителите кажуваат дека за време на војната во близина на Евла минувала границата меѓу територијата управувана од бугарската и италијанската окупаторска администрација. Но, велат дека освен тоа немаат никаква друга врска со Бугарите и дека се чувствуваат како Македонци. Тие ја демантираат информацијата неодамна пласирана низ социјалните мрежи дека жителите во Евла се притискаат да земат бугарски пасош.

    „Колку што знам, не се притискаат луѓето, но слушнав гласини дека наводно се вршело бугаризација. Мене лично никој не ми има понудено такво нешто. Во селото нема луѓе со бугарски пасоши. Лично мене и на мојата фамилија не ни може некој пристисок да ни направи. Јас се чувствувам како Македонец и Македонец ќе останам, ниту некој се плаши ниту има апетити за бугарски пасоши“, рече Зоран Гичевски од Евла.

    Откако се прошири веста дека Јотова ќе ја посети Евла, која е само на неколку километри од селото Болно, каде во борба со бугарската војска загинаа народните херои Мите Богоевски и Стив Наумов, Сојузот на борци од Битола јавно порача да дојде Јотова и да го покаже каде се гробовите на двајцата партизани чија местоположба до денес не е позната. (Фото: СДК.МК)

    Откако се прошири веста дека Јотова ќе ја посети Евла, која е само на неколку километри од селото Болно, каде во борба со бугарската војска загинаа народните херои Мите Богоевски и Стив Наумов, Сојузот на борци од Битола јавно побара да дојде Јотова и да го покаже каде се гробовите на двајцата партизани чија местоположба до денес не е позната.

    Историчарите кажуваат дека овие македонски партизани загинале во борба со фашистичкиот окупатор, а бугарската полиција ги погребала во два гроба, потоа ги откопала и ги пренела кај селската црква, а од тука, тајно, телата ги однеле кај селото Ѓавато, каде се претпоставува дека ги запалиле со бензин. Нивните гробови до денес не е познато каде се наоѓаат.

    Јотова во Битола доаѓа на 4 Ноември, Денот на ослободувањето на градот, но не е дел од официјалните гости, туку е со своја агенда. Утре ќе го посети Бугарскиот конзулат каде ќе биде поставена изложба, а потоа и воените гробишта во Цапари.

    Јотова беше на отварање на културниот клуб Ванчо Михајлов во некогашното Еврејското маало во Битола во април годинава, при што на прашањето зошто Бугарија не дозволува регистрација на здруженија на Македонци што живеат таму одговори: „Кои се тие Македонци?“

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира