Македонија се задолжи за една милијарда евра преку издавање на десеттата по ред еврообврзница. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека постигнатите каматни услови се меѓу најповолните во регионот и пошироко, што според неа ја потврдува позицијата на државата како стабилен и кредибилен издавач на меѓународните финансиски пазари.
Како што кажа министерката, задолжувањето е реализирано преку две транши од по 500 милиони евра. Првата транша е со рок на доспевање од четири години и каматна стапка од 3,875 отсто, додека втората е осумгодишна со камата од 4,75 отсто. Димитриеска-Кочоска рече дека ова е првпат по две децении државата да пласира осумгодишна еврообврзница, што се толкува како силен сигнал за довербата на меѓународните инвеститори во домашните економски политики.
Со обезбедените средства ќе се изврши исплата на претходната еврообврзница од 2020 година во износ од 700 милиони евра, која достасува следната година. Остатокот од парите ќе се искористи за финансирање на буџетскиот дефицит и за реализација на развојни проекти.
Министерката изјави дека со цел процесот да биде фискално поисплатлив, донесена е одлука за паралелен предвремен откуп на еврообврзницата која достасува во јуни 2026 година, со што ќе се остварат значителни заштеди.
Таа вели дека иако номиналниот износ на задолжувањето е една милијарда евра, нето-ефектот врз јавниот долг ќе биде понизок бидејќи во текот на 2026 година Министерството за финансии треба да исплати обврски по основ на надворешен долг од околу 893 милиони евра.
Според официјалните податоци, во следните пет години државата треба да врати вкупно 8,8 милијарди евра за домашен и меѓународен долг. Најголемиот износ за отплата достасува во 2028 година и изнесува речиси две милијарди евра. Министерката кажа дека новата еврообврзница има клучна улога во рамномерното распределување на овие обврски и во намалувањето на ризиците од големи отплати во една година.



