ОБВИНИТЕЛСТВОТО НЕ НАЈДЕ НИШТО НЕЗАКОНСКО КАЈ КАПУШЕВСКИ И ЈАХОСКИ ЗА СНАБДУВАЊЕТО СО МАЗУТ НА ТЕЦ НЕГОТИНО, БУЏЕТОТ НЕ БИЛ ОШТЕТЕН, ИСТРАГАТА Е ЗАТВОРЕНА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО НЕ НАЈДЕ НИШТО НЕЗАКОНСКО КАЈ КАПУШЕВСКИ И ЈАХОСКИ ЗА СНАБДУВАЊЕТО СО МАЗУТ НА ТЕЦ НЕГОТИНО, БУЏЕТОТ НЕ БИЛ ОШТЕТЕН, ИСТРАГАТА Е ЗАТВОРЕНАНемало ни перење пари, спротивно на сомневањата во кривичната пријава поднесена од МВР. (Фото:СДК.МК)

    Запрена е истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино за време на енергетската криза, бидејќи не се потврдија наводите од кривичната пријава, кажа Обвинителството за организиран криминал и корупција.

    Така, од денеска од кривично гонење се ослободени сопственикот на РКМ Ратко Капушевски (поранешен директор во време на ВМРО-ДПМНЕ), Исмаил Јахоски сопственик на „Пуцко петрол (син на пратеникот Јахоски од ДУИ), натаму избеганиот Васко Ковачевски од СДСМ и други осомничени.

    Обвинителството за организиран криминал кое најави и брифинг за прекинот на оваа истрага  што ја иницираше МВР и беше со многу претреси и приведувања, вели дека и покрај тврдењата во кривичната пријава, штета за Буџетот со набавките на мазут од операторите РКМ и Пуцко, нема. Додатно, ТЕЦ Неготино по спроведените јавни набавки на мазут, проиведувала поевтина електрична енергија.

    Пред распишување на тендерите, контактирани биле сите добавувачи на мазут, но во истрагата се изјасниле дека не конкурирале од објективни причини.

    „По спроведена едногодишна истражна постапка, предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за запирање на истрагата во предметот поврзан со набавките на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Од прибраните докази не се утврди дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаа на товар, ниту е утврдено постоење на друго кривично дело што се гони по службена должност. Предмет на истрагата беше постоење на основано сомнение дека во постапките за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, спроведени во услови на енергетска криза, биле сторени злоупотреби при јавните повици, незаконито склучување договори и анекси, како и перење пари и други приноси од казниво дело“, кажува во детали Обвинителството.

    Во текот на постапката била анализирана обемна материјална документација, финансиски и договорни документи, вешт наод и мислење, како и искази од повеќе сведоци, претставници на АД ЕСМ, ТЕЦ Неготино, како и претставници на економските оператори кои во критичниот период имале лиценца за трговија со течни горива-мазут.

    „Од доказите произлезе дека предметните постапки за набавка на мазут се спроведувани во услови на прогласена енергетска криза од страна на Владата на РСМ и согласно законските исклучоци предвидени во член 23 од Законот за јавни набавки, со цел обезбедување непречено производство на електрична енергија. Истрагата утврди дека постапките биле спроведувани транспарентно. ЕСМ имало за цел да ги вклучи сите оператори што имале лиценци за трговија со мазут во интерес на побрзо испорачување на мазутот, при што биле контактирани сите економски оператори кои поседувале лиценца и тоа во дел од јавните повици со известување биле повикани да учествуваат, а во дел јавните повици биле објавени и во дневни весници. Од исказите на претставници на економски оператори произлезе дека дел од компаниите не учествувале во постапките поради деловни и економски проценки, односно поради високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците поврзани со тогашната состојба на енергетските пазари“, наведува Обвинителството за организиран криминал и корупција.

    Во однос на динамиката на испорака на мазутот, од прибраните докази, документацијата и исказите на претставници на АД ЕСМ и ТЕЦ Неготино произлезе дека мазутот бил континуирано и навремено испорачуван согласно потребите на термоелектраната, при што во ниту еден момент не бил доведен во прашање процесот на производство на електрична енергија.

    „Согласно доказите, во критичниот период не постоеле рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, а производството во ТЕЦ Неготино овозможило обезбедување електрична енергија по значително пониски цени од цените на слободниот пазар. Во постапката не е утврдено ниту дека со склучените договори и анекси била предизвикана штета на АД ЕСМ или на Буџетот на државата. Напротив, од доказите произлезе дека измените на годишниот план за јавни набавки и склучувањето на анексите се спроведени со одлуки на надлежните органи на АД ЕСМ, со одлуки на Управен одбор, а потврдени со одлуки на Надзорниот одбор на ЕСМ, со цел обезбедување доволни количини мазут за непречено функционирање на ТЕЦ Неготино“, се наведуваат и факти дека штета од овие набавки немало.

    Немало ни перење пари, како што се тврдеше во кривичната пријава поднесена од МВР.

    „Во однос на сомневањата за перење пари, истрагата утврди дека средствата исплатени по основ на реализираните договори не претставуваат противправно стекната имотна корист, односно не се приноси од кривично дело. Оттука, финансиските трансакции, исплатите, купувањето имот и префрлањето средства меѓу сметки не можат да се сметаат за дејствија на перење пари или прикривање незаконски стекнати средства. Со оглед дека од сите прибрани докази не произлегува основано сомнение дека осомничените сториле кривични дела кои се гонат по службена должност, донесена е Наредба за запирање на истражната постапка. Против ваквата одлука на обвинителството оштетеното правно лице има право на приговор до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок 8 дена од денот на приемот на наредбата за запирање на истражната постапка“, вели Обвинителството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира