Катар кажа дека нема жртви во вечерашниот ирански ракетен напад врз американска воена база во оваа земја и дека сите проектили биле пресретнати, откако се слушнаа експлозии над Доха. Властите го осудија нападот и рекоа дека имаат право да одговорат.
„Катар го задржува правото директно да одговори на начин еквивалентен на природата и обемот на оваа дрска агресија и во согласност со меѓународното право. Противвоздушната одбрана на Катар успешно го спречи нападот и ги пресретна иранските ракети“, соопшти катарското министерство за надворешни работи.
Иран потврди дека лансирал проектили кон Коалицискиот центар за воздушни операции во Ал-Удеид близу Доха, најголемата американска воена база на Блиски Исток, во која живеат околу 8.000 американски граѓани. Пентагон соопшти дека нападот бил изведен со балистички проектили со краток и среден дострел.
„Ракетниот напад врз базата Ал-Удаид одговараше на бројот на американски бомби фрлени врз иранските нуклеарни постројки викендов. Базата намерно беше избрана зашто се наоѓа надвор од урбани и населени области“, соопшти Иран, навестувајќи дека е спремен за деескалација.
Американската војска објави дека не се забележани напади врз други бази во регионот. Бахреин и Кувајт привремено го затворија својот воздушен простор.
Нападот се случи додека заседаваше Советот за национална безбедност на Белата куќа. Сајтот „Аксиос“ објави дека владата на Трамп била свесна дека се спрема напад, при што ги предупредила своите граѓани да се засолнат до натамошно известување.
Иран ги нападна американските сили во регионот ден откако Доналд Трамп нареди да се бомбардираат три ирански нуклеарни постројки, за што Техеран вети дека ќе се одмазди.