ЕКСКОМАНДИРОТ И ДВАЈЦА ИНСПЕКТОРИ ОД ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦА ВО КОЧАНИ ПИШУВАЛЕ ПРЕКРШОЦИ НА НЕПОСТОЕЧКА ФИРМА ЗА ВИСТИНСКИОТ ГАЗДА НА ДИСКОТЕКАТА ДА НЕ ПЛАЌА КАЗНА ЗА НАРУШУВАЊЕ НА РЕДОТ И МИРОТ

    ЕКСКОМАНДИРОТ И ДВАЈЦА ИНСПЕКТОРИ ОД ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦА ВО КОЧАНИ ПИШУВАЛЕ ПРЕКРШОЦИ НА НЕПОСТОЕЧКА ФИРМА ЗА ВИСТИНСКИОТ ГАЗДА НА ДИСКОТЕКАТА ДА НЕ ПЛАЌА КАЗНА ЗА НАРУШУВАЊЕ НА РЕДОТ И МИРОТНа 19 април во Кочани се одржа третиот протестен марш насловен „Задоцнета реакција“. (Фото: Принтскрин од видео на Радио Кочани)

    Поранешниот командир и двајца инспектори во Полициската станица Кочани добија кривични пријави во врска со кочанската дискотека „Пулс“ каде во пожарот на 16 март загинаа 62 лица, а околу 200 се повредени, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Иако знаеле дека фирмата ДПТУ „Класик ДМ“ ДОО Кочани е неактивна, а дискотеката ја управува друга фирма, ѝ поднеле прекршочна пријава за прекршување на јавниот ред и мир.

    Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против К. Б., Г. Л. и А. Т. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 став 1 од Кривичниот законик.

    МВР вели дека првопријавениот К. Б., во време на извршување на кривичното дело на работно место помлад инспектор-водич на безбедносен реон во Полициската станица Кочани на 07.10.2023 и второпријавениот Г. Л., во време на извршување на кривичното дело на работно место инспектор за прифат-сменоводител во Полициската станица Кочани на 25.11.2023, по спроведена акциска контрола во кабаре „Пулс“ Кочани за констатиран прекршок по член 21 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, изготвиле записник за сторен прекршок и прекршочен платен налог на неактивно правно лице ДПТУ „Класик ДМ“ ДОО Кочани и на одговорно лице Д. Ј., иако знаеле дека на 15.02.2023 во Централниот регистар правното лице е регистрирано како Друштво за производство, трговија, услуги и угостителство ДПТУУ „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани, подружница кабаре „Пулс“ со одговорно лице М. С., со што овозможиле имотна корист за правното лице ДПТУУ „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани и одговорното лице Митко Стојанов.

    „Третопријавениот А.Т., во време на извршување на кривичното дело на работно место командир на Полициската станица Кочани, во два наврати на 01.02.2024 и на 07.02.2024 одобрил и потпишал барање за поведување прекршочна постапка за констатиран прекршок по член 21 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир против неактивен правен субјект ДПТУ ‘Класик ДМ’ ДООЕЛ Кочани и одговорно лице Д. Ј. и ги доставил до Основен суд Кочани – Одделение за прекршоци, претходно констатирани од првопријавениот на 07.10.2023 и од второпријавениот на 25.11.2023, иако знаел дека на 15.02.2023 во Централниот регистар правното лице е регистрирано како Друштво за производство, трговија, услуги и угостителство ДПТУУ ‘ММММ Кафе’ ДООЕЛ Кочани – подружница кабаре ‘Пулс’ со одговорно лице М. С.“, вели МВР.

    Пожарот во неисправната дискотека „Пулс“ настана при користење пиротехнички средства на концертот на групата „ДНК“, при што загинаа 62 лица, меѓу кои шест деца, а повредени беа 193, од кои 25 деца. Во странство остануваат хоспитализирани 33 повредени, а во земјава во моментот се лекуваат вкупно тројца пациенти, од кои во Хируршка клиника „Св.Наум Охридски“ еден пациент, а во приватната болница Систина двајца пациенти.

    Во организација на граѓанската иницијатива „Support Kocani“, утре (26 април) во кочанскиот културен центар „Бели мугри“ ќе се оддржи аукција со јавно наддавање на уметнички дела донирани од уметници од земјава за помош на жртвите и повредените во кочанската трагедија. Сите дела се јавно изложени на изложбата што се отвори на 23 април во „Бели мугри“, а по завршувањето на аукцијата ќе бидат изложени со цената по која се купени и нивниот нов сопственик уште неколку денови. Сите средства од хуманитарната аукција ќе бидат транспарентно донирани преку страната на инцијативата.

    Над 60 лица досега се под истрага за пожарот. Под истрага се сите полициски инспектори, началници и командири кои од 2012 година наваму дале одобрение дискотеката „Пулс“ да добие лиценца за работа од Министерството за економија, соопштија МВР и Јавното обвинителство. Сите се осомничени за кривичните дела Тешки дела против општата сигурност и Предизвикување општа опасност.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира