КУЌЕН ПРИТВОР МЕСТО ЗАТВОРСКИ ЗА ЕКСГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ НА КОЧАНИ ДИМИТРОВСКИ И ИЛИЈЕВ ВО ИСТРАГАТА ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА СО 59 ЖРТВИ

    КУЌЕН ПРИТВОР МЕСТО ЗАТВОРСКИ ЗА ЕКСГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ НА КОЧАНИ ДИМИТРОВСКИ И ИЛИЈЕВ ВО ИСТРАГАТА ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА СО 59 ЖРТВИАктуелниот градоначалник на Кочани во оставка Љупчо Папазов и натаму е во ефективен притвор во истражен затвор; - Од протетсот по пожарот во Кочани. (Фото: СДК.МК)

    Кочанскиот основен суд ги прифати жалбите на двајцата поранешни градоначалници на Кочани, Ратко Димитровски и Николчо Илиjев, како и на поранешната директорка на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска-Димоска, па ефективниот им го замени во куќен притвор. Мерка притвор од 30 дена доби и актуелниот градоначалник во оставка Љупчо Папазов. Беа уапсени по катастрофалниот пожар во дискотека „Пулс“ во Кочани на 16 март, во кој загинаа 59 млади луѓе, од кои 6 деца, а беа повредени 197 од кои 25 деца.

    Тие се дел од 34-та осомничени против кои е поведена истрага за Предизвикување општа опасност, дело за кое пропишаната казна е од три до 20 години затвор.

    Постапувајќи по поднесени жалби од вкупно 17 осомничени, Основниот суд Кочани ги одби жалбите на 14 лица и за нив ја потврди мерката притвор. Меѓу нив е Папазов.

    За ставањето во куќен притвор на поранешните градоначалници на Кочани, Обвинителството поднело жалба до Апелацискиот суд Штип и побарало да остане мерката ефективен притвор. За поранешната директорка на Државниот пазарен инспекторат Обвинителството е согласно дека мерката куќен притвор е адекватна, бидејќи во жалбата биле изнесени околности и причини за тоа.

    Вкупниот број на осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички, три правни лица и против седум полициски службеници од СВР Штип и Полициската станица (ПС) Кочани кои давале позитивни мислења за неисправниот објект да добие дозвола од Министерството за економија. Во 30-дневен притвор се 31 осомничен, меѓу кои и тројца градоначалници на Кочани, како и групата од 7 инспектори и началници од СВР Штип и од ПС Кочани.

    Покрај ексминистерот за економија Крешник Бектеши и Размена Чекиќ-Дуровиќ, одговорната во Министерството за економија за издадената лиценца за работа на „Пулс“ како кабаре, од високите носители на функции во притвор е и ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, но и раководители на сектори.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира