Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска (9 август 2025 година) ги распиша локалните избори, што ќе се одржат на 19 октомври .
Претседателот Гаши го потпиша Решението за распишување на осмите локални согласно член 12 став 4 од Изборниот законик, почитувајќи го рокот од 70 до 90 дена од распишување до одржување на изборите.
Со распишувањето на изборите, почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија, согласно Изборниот законик и според календарот што треба да го донесе Државната изборна комисија.
Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври, согласно член 16 став 1 од Изборниот законик.
Вториот круг од изборите за градоначалници треба да се одржи на 2 ноември, во единиците на локалната самоуправа во кои изборите нема да завршат во првиот круг.
„Ова решение го доставив до надлежните органи за организирање и спроведување на изборите и очекувам максимален ангажман за реализација на чесен и демократски процес. Ве информирам дека во текот на изборната кампања, која започнува 20 дена пред одржувањето на изборите, Собранието ќе продолжи со редовното административно функционирање, но нема да одржува пленарни седници. Оваа одлука има цел да се избегне злоупотребата на собраниската говорница за изборни цели и да им овозможи на пратениците целосно да се посветат на комуникацијата со граѓаните“, кажа денеска Гаши.
Како претседател на Собранието, ги повика партиите да покажат висок степен на политичка култура, да избегнуваат каква било форма на притисок, разделбен говор и секој обид за инструментализација на институциите и на јавните ресурси за партиски интереси.
„Ова е процес што треба да се фокусира на граѓанинот, на неговите реални потреби и предизвици, и на конкретните решенија што секој кандидат треба да ги понуди“, потсети Гаши за што се овие избори.
Според роковникот на ДИК, увидот во Избирачкиот список ќе започне 15 дена по распишувањето на изборите и ќе трае 20 дена. Крајниот рок за поднесување на кандидатските листи за градоначалници и советници е 15 септември.
Вкупниот буџет за изборите изнесува 9,76 милиони евра, од кои две третини се наменети за медиумско претставување и платено политичко рекламирање. Во оваа сума не се вклучени надоместоците за членовите на избирачките одбори и трошоците за транспорт на изборниот материјал, кои се обврска на локалните самоуправи.
С. К. ДЕЛЕВСКА