Лозарите бараат да се објават откупните цени на грозјето за да знаат дали е исплатливо да го одгледуваат. Бараат тоа да се случи месецов, бидејќи искуството од претходните години е негативно за нив. Велат дека ако ги дознаат цените на само 45 дена пред почетокот на откупот, веќе ќе биде доцна.
„Време е да се објават производните цени за да знаеме дали да продолжиме со кроење и обработка на лозјата. Лани имавме вишок грозје кое остана по полињата и не се обра. Државата треба да ги отвори границите за вишокот грозје да можеме да го продаваме надвор. Откупувачите минатото лето престанаа со откуп и беа затворени. Потоа државата даде 10-13 денари од интервентниот фонд, но тие средства им беа дадени на одредени винарии наместо за директен откуп на грозјето, па тоа повторно остана по нивите. Локалната власт ни вети дека ќе се гради дестилерија која ќе го откупува вишокот род, но од ова ветување засега нема ништо“, вели Зоран Јанкулов, лозар од Кавадарци.
Тој пресметал дека годинава цената, според сите трошоци и вложувања, треба да биде 35 денари за килограм, додека лани летото откупната цена на грозјето беше 18–19 денари за килограм. Лозарите се соочуваат и со други проблеми кои се појавија на почетокот од годината.
„Програмата донесена на почетокот од месецов не е поволна за лозарите. Таа предвидува субвенции да добиваат само оние кои имаат пет декари и повеќе, а претходно прагот беше два декари. Така, над илјада индивидуални лозари нема да добијат субвенции. Втората мерка е дека 30 отсто од родот мора да се предаде кај регистриран откупувач, што е тешко изводливо, не поради лозарите, туку поради откупувачите кои немаат толкав капацитет. Еве, во Кавадарци има две фирми кои можат да откупат едвај до 10 отсто“, вели Пано Аргиев, лозар.
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски ги отфрла дилемите и вели дека сè што се работи е во интерес на подобар и поквалитетен род. Целта е субвенции да добиваат исклучиво регистрирани земјоделци. Тој нагласи дека не треба да се изедначуваат регистрираните земјоделци кои живеат од земјоделство и плаќаат даноци, пензиско и здравствено осигурување, со нерегистрираните на кои земјоделството им е дополнителна дејност.
„Со програмата за 2026 година приоритет добиваат вистинските земјоделци кои егзистираат од оваа гранка, бидејќи изминатите години беа воочени т.н. ловци на субвенции. Тие не обработуваат земјоделска површина, а сакаат да бидат корисници на државна помош. Затоа најавувам сериозна контрола на терен. Воведовме праг за субвенции од 0,5 хектари и повеќе за да се зголеми секторот и да има поголема продукција на вински сорти грозје, од кои ќе се добие квалитетно македонско вино што ќе се продава во странство. Така ќе обезбедиме сериозен девизен прилив“, рече Трипуновски.
Лани родот изнесуваше 129 милиони килограми грозје, што е значително повеќе од 2024 година кога беа произведени 85 милиони килограми. Годинава 12.500 лозари деновиве добија 480 милиони денари субвенции, а околу 10 илјади овоштари добија околу 338 милиони денари.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, вели дека локалната власт работи на проект за дестилерија во градот.
„Не сме се откажале, работиме на тоа во Тиквешијата да има дестилерија. Вршиме притисок врз Министерството за земјоделство да се издвојат средства, кои не се превисоки (6 до 8 милиони евра), за капацитет од 30–40 милиони килограми грозје и 5–7 милиони литри дестилат. Кога уште во 2017 година излегов со програма за дестилерија, ме сметаа за несериозен, а тоа е единственото решение за вишокот грозје. Физибилити студијата е доставена до Владата уште во 2018 година и очекувам оваа Влада да го реши проблемот. Ако летото е дождливо како зимава, грозјето ќе има само 14 малигани и никој нема да го откупи. Во такви случаи, дестилеријата е единствениот излез“, кажа Јанчев.
Со новата програма за финансирање на земјоделството, која изнесува 98 милиони евра, Владата воведе и други промени. Освен зголемувањето на минимумот кај лозјата, во сточарството сега е потребно сточарот да поседува минимум три крави, козарот 30 кози, а пчеларот 30 пчелни семејства. Лани субвенции користеле околу 68 илјади корисници.
П. ПЕЧКОВ



