Љупчо Петровски, кој на локалните избори беше кандидатот за советник на ВМРО-ДПМНЕ во Битола и за време на кампањата напиша „ја прогласувам нусето Габриела за умрено“, е назначен за в. д. член на Управниот одбор (УО) во Јавното претпријатие Комуналец во Битола.
Петровски заедно со петмина други, на предлог на градоначалникот Тони Коњановски беа изгласани вчера на седница на Советот од мнозинството советници на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата и ЗНАМ. Иако седницата беше јавна и пренесувана на Јутјуб, Петровски вели дека од нашата редакција дознал дека е избвран за член на УО и дека досега не добил ни писмено, ни усно известување за изборот.
На одлуката реагираше поранешната претседателка на Советот Габриела Илиевска од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“, на чија адреса беше упатен коментарот за време на изборите кога таа беше во трка за градоначалничка заедно со 7 други противкандидати, меѓу кои и сегашниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Тони Коњановски. Таа обвини дека ова е награда на Петровски за коментарот што го напишал против неа.
„На среде кампањата ‘16 дена активизам против насилство врз жени’, истиот човек што јавно ме прогласи за умрена, што симболично е најбруталниот обид за бришење на една жена, денес од градоначалникот добива награда – позиција во Управен одбор на јавно претпријатие. Вака ли изгледа борбата против насилство? Ова е легитимирање на насилниците, исмевање на вредностите што наводно ги браните и шамар за секоја жена која се осмелила да зборува. Не ми зборувајте за активизам додека ги унапредувате оние што го практикуваат насилството. Не ми продавајте кампањи, спотови и хаштагови додека од другата страна на масата седат луѓе кои ја газат основната човечка достоинственост“, изјави Илиевска.
Петровски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека најверојатно е избран за член на управното тело поради неговата чесна работа, а не поради напишаниот коментар. Вели досега бил член на Надзорниот одбор во ЈП Жабени, избран на седница на Советот во 2021 година, водена од Илиевска кога најверојатно и таа гласала позитивно за неговиот избор.
„Му благодарам на градоначалникот Коњановски за укажаната доверба по втор пат да бидам дел од управувачките структури на јавните претпријатија основани од општината. Најверојатно тој ме предложил за член на Управен поради моето долгогодишно работно искуство без ниту една дамка во кариерата а не поради мојот коментар за политичкиот крај на дотичната Г-ѓа. Таа не стана градоначалник заради недостаток на идеи и програма прифатлива за гласачите, јас само констатирав фактичка состојба која се потврди на денот на изборите“, ни одговори Петровски.
Од Општината на нашето прашање на што се должи предлогот Петровски да биде дел од УО на Комуанлец, ни одговорија дека сите предложени кандидати ги исполнувале условите од Законот за јавни претпријатија.
На 16 октомври, во текот на изборната кампања, Петровски на Фејсбук за тогашната кандидатка за градоначалничка од Поинаку напиша „Го прогласувам нусето Габриела за умрено“. Коментарот го напиша на фејсбук профилот на тогашниот кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Тони Коњановски. Откако реагираа од „Поинаку“, коментарот беше избришан. Илиевска тогаш ова го оцени како говор на омраза и дискриминација и случајот го пријавив во МВР. Петровски, пак, рече дека неговиот хумористичен коментар за ТВ дебата бил погрешно протолкувани.
Советот вчера назначи в.д членови на управните тела во јавните претпријатија за кои опозицијата обвини дека се со партиски книшки од ВМРО-ДПМНЕ или во фамилијан и врски со функционери од партијата, а од локалната власт одговорија дека ги исполнуваат законските критериуми.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



