МАГИСТЕРКА ПСИХОЛОГ ВО БОЛНИЦАТА ВО СТРУГА, ИЗБРКАНА ОД РАБОТА КОГА КАЖАЛА ДЕКА Е БРЕМЕНА, ОД СИЛЕН СТРЕС ВО 27-TA ГЕСТАЦИСКА НЕДЕЛА ГО ИЗГУБИЛА БЕБЕТО

    МАГИСТЕРКА ПСИХОЛОГ ВО БОЛНИЦАТА ВО СТРУГА, ИЗБРКАНА ОД РАБОТА КОГА КАЖАЛА ДЕКА Е БРЕМЕНА, ОД СИЛЕН СТРЕС ВО 27-TA ГЕСТАЦИСКА НЕДЕЛА ГО ИЗГУБИЛА БЕБЕТО„Оди дома, сега имаш поважна работа. Бремена си“, ѝ кажал директорот на дискриминираната бремена жена пред да го изгуби бебето (Фото:СДК.МК)

    Психолог од ЈЗУ Општа болница Струга, магистерка по специјална едукација и рехабилитација од областа на оштетување на слухот и психотерапевтка и со бројни сертификати и обуки во кои 14 години сама инвестирала, е избркана од работа веднаш штом кажала дека е бремена.

    Од силен стрес поради непродолжувањето на договорот за работа, и поради тоа дека по нејзиното бркање биле примени во Болницата 65 души на работа, таа го изгубила бебето во 27-та гестациска недела, односно во седмиот месец од бременоста.

    На нејзино место директорот на болницата по изборите примил нова, помлада девојка, заедно со уште 65 други разни профили, поради што Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дека врз оштетената пријавителка е извршена директна интерсекциска дискриминација.

    Оваа експертка пред да забремени работела со договор на определено време од 2001 година по 40 часа неделно, како да е вработена на неопределено и тамам кога се надевала дека ќе ја вработат по ланските парламентарни и претседателски избори какви што биле најавите, неа договорот на 31.12.2024 година веќе не ѝ бил продолжен.

    Бидејќи претходно таа кажала дека е бремена и кога го прашала директорот на болницата зошто не ѝ го продолжуваат договорот, ако веќе трајно не ѝ го решаваат нејзиниот статус, директорот ѝ кажал:

    „Оди дома, сега имаш поважна работа. Бремена си“.

    Во претставката жената што го изгубила детето поднела и докази од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство дека била здрава, носела здраво дете и оти имала уредна бременост без никакви ризици.

    „Поради стресот што го доживеав од губењето на работното место, на 4 март 2025 година во скоро 27 гестациска недела, го изгубив моето чедо! Јас сум здрава жена, со уредна бременост и без ризици. Тортурата врз мене го направи своето. Одев на работа чекајќи некаков договор, работев со полна пареа, не бев платена и не барав ништо, само чекав да најдат решение за мене“, пишува оштетената избркана жена во пријавата до Комисијата за дискриминација.

    Во дописот од директорот, тој пред Комисијата не негира дека на местото на избрканата е примен друг психолог, како ни тоа дека биле примени уште 65 вработени во болницата, туку тврди под морална и кривична одговорност дека никогаш не ѝ рекол на пријавителката да си оди дома и да одмора, зашто има поважна работа, бремена е.

    Комисијата пишува дека ни Болницата, ни директорот (чиј назив, односно име патем не ги наведува), на ниту еден начин не го докажале спротивното и не дале соодветно објаснување со факти дека причината за непродолжување на договорот за работа не е поврзан со бременоста на подносителката.

    „Бременоста е биолошка и репродуктивна карактеристика врзана со полот, односно жената. Следствено на тоа, оваа категорија работнички уживаат посебна заштита во работните односи преку јасно утврден сет на права од страна на законодавецот а во однос на бременоста, раѓањето и мајчинството, и која заштита треба да ја уживаат и жените ангажирани со договор на дело“, укажува Комисијата, која патем цитира дека во овој случај е прекршен и Уставот пред кој сите граѓани се еднакви.

    Ова е еден од потешките случаи на утврдена директна, повеќекратна, повторена и продолжена дискриминација, врз основа на повеќе основи. Со оваа одлука избрканата бремена жена која од стрес го изгубила плодот во 7 месец од бременоста, може да поднесе пријави и тужба до надлежните органи.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира