Претседателот на Собранието Африм Гаши за утре закажа итна седница за Измени на Изборниот законик, со кои координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски предлага независните кандидати место со потписи од 1 процент од вкупниот број запишани избирачи во една Изборна единица, да можат за избори да се кандидираат со 0,95 % од вкупнозапишаните во една Изборна единица.
Претходно, прагот на потребните потписи за учество на изборите беше 1.000 потписи од запишаните избирачи.
Овој попуст и подадена рака математички би изгледал вака: Ако се земе бројот на регистрани избирачи во Град Скопје на Локалните избори во 2021 година (467.373), произлегува дека независните кандидати за советници или градоначалници во главниот град би требало да соберат најмалку 4.440 потписи од граѓани. Претходните измени на законот кои ги укина Уставниот суд, бараа 1 отсто, односно 4.673 потписи од граѓани.
Со новите измени, власта на ВМРО-ДПМНЕ им попушта на независните во Град Скопје да соберат дури 233 потписа помалку.
Со измените предложени од ВМРО-ДПМНЕ за кои треба да се гласа на утрешната седница, се предлага:
По членот 60 се додаваат два нови наслови и два нови члена 60-а и 60-б, кои гласат:
„Подносител на листа на кандидати за пратеници со собрани потписи“
Член 60-а
(1) Кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 0,95% потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на Изборната единица.
(2) Кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи од изборните единици за гласање во странство, потребно е да се соберат најмалку 1.000 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за тие изборни единици пред службените лица на ДКП, односно конзуларните канцеларии на образец пропишан од Државната изборна комисија.
„Подносител на листа на кандидати за членови на совет и градоначалник со собрани потписи“
Член 60-б
Кога подносител на листа на кандидати за членови на Совет, односно листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, е потребно да се соберат најмалку 0,95% потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список за општината, односно Градот Скопје.
Граѓанските иницијативи почнаа да собираат потписи за формирање на партии откако партиите од власта и опозицијата здружено ги спречија да настапуваат на изборите како граѓански иницијативи. За да се формира партија потребни се 1.000 потписи од целата територија на државата.
Заедничка партија ќе формираат граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените од Гази Баба“ и „Групација 389“. Партијата ќе се вика „Независни заедно“ и како што велат, ова е единствен начин да учествуваат на изборите и гласот на граѓаните да биде слушнат во општините.
Посебна партија ќе формира граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ (ЗХГ). Партијата ќе го носи истото име, „Зелен хуман град“, и како што велат оттаму, се решиле да формираат партија бидејќи партиите со Изборниот законик нема да им овозможат учество на локалните избори како независен кандидат, без разлика што Уставен суд застана на нивна страна и апелираше за политички плурализам.
Првиот круг на Локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.
С. К. ДЕЛЕВСКА