МИЈАЛКОВ СЕ ПОВИКА НА ВРХОВНИОТ СУД И ПОБАРА ДА БИДЕ ОСЛОБОДЕН ЗА „ТОРТУРА“

    МИЈАЛКОВ СЕ ПОВИКА НА ВРХОВНИОТ СУД И ПОБАРА ДА БИДЕ ОСЛОБОДЕН ЗА „ТОРТУРА“Во „Тортура“, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и уште шестмина припадници на алфите се обвинети за нечовечно постапување и омаловажување при апсењето на Љубе Бошкоски. - Сашо Мијалков на претходно рочиште во Основниот суд Скопје 1 (Фото: СДК.МК)

    За 20-тина дена е истечен е рокот за СЈО да биде овластен тужител за предметот „Тортура“ бидејќи предметот е преземен од редовното Јавно обвинителство на 4.12.2015, а обвинителниот акт е поднесен на 29.6.2017, му укажа денеска на Основниот суд Скопје 1 обвинетиот Сашо Мијалков, кој преку адвокатите побара одбивателна пресуда за овој случај.

    Одбраната се повика практично на начелното правно мислење на Врховниот суд од 30 јануари 2019, според кое рокот за поднесување на обвиненија од страна на СЈО може да биде само 18 месеци од преземањето на предметите и бомбите од страна на СЈО.

    Во „Тортура“, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и уште шестмина припадници на алфите се обвинети за нечовечно постапување и омаловажување при апсењето на Љубе Бошкоски во тогашна истрага за незаконско финансирање на изборна кампања.

    Обвинителот од СЈО Љубомир Лапе рече дека овој предлог на одбраната треба судот да го одбие бидејќи пред себе имаат правосилен обвинителен акт, оценет и потврден од Основен суд Скопје 1.

    Тој рече дека обвинителниот акт е поднесен во законскиот рок и оти судот веќе прифатил дека СЈО е овластен тужител.

    Адвокатот Љупчо Шврговски го потсети дека кога бил поднесен овој обвинителен акт Врховниот суд немал донесено начелно правно мислење за тоа до кога трае рокот за покренување истраги и обвиненија од страна на СЈО, а дека сега ете има такво мислење од Врховниот суд.

    Обвинителот Лапе одговори дека во законот за СЈО, членот 22 наведува дека рокот почнува да тече од приемот на предметите и материјалите, а не само ако е исполнет едниот од овие два услова. Тој рече дека треба двата услова да се исполнат за да почне да тече рокот од 18 месеци.

    Судијката Александра Ристевска се повлече за да одлучи по барањето на Мијалков постапката да биде итно прекината и тој да биде ослободен од кривично гонење.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира