Денеска во Основниот кривичен суд Скопје заврши судењето за предметот „Организатори на 27 април“, а обвинетите Миле Јанакиески, Трајко Вељановски, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски се ослободуваат од кривично гонење. Тие беа обвинети за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок, во врска со нападот во Собранието на 27 април 2017 година.
„Главната расправа е завршена, можете да си одите, слободни сте“, им кажа судијата Илија Трпков на обвинетите.
Судот ја донесе одлуката по доставеното мислење од Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција дека за обвинетите треба да се примени Законот за амнестија од 2018 година, со кој што во друга постапка беа ослободени поранешните пратеници Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, како и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен, Владо Јовановски и Игор Дурловски.
Ова беше второ судење за предметот „Организатори на 27 април“. Првото судење заврши во јули 2021 година, кога поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељановски беше неправосилно осуден на шест години и шест месеци затвор, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски на по шест години и три месеци, а поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски на шест години.
Апелацискиот суд Скопје лани ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење.