МВР ЗАБРАНИ ДА СЕ ДОАЃА ВО БЕРМУДИ, МИНИ, СО ГОЛ ПАПОК И СО ВЛЕЧКИ ЗА СЛИКАЊЕ И ЗА ПОДИГАЊЕ ГОТОВИ ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ, ИСТОТО ВАЖИ И ЗА ВРАБОТЕНИТЕ

    МВР ЗАБРАНИ ДА СЕ ДОАЃА ВО БЕРМУДИ, МИНИ, СО ГОЛ ПАПОК И СО ВЛЕЧКИ ЗА СЛИКАЊЕ И ЗА ПОДИГАЊЕ ГОТОВИ ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ, ИСТОТО ВАЖИ И ЗА ВРАБОТЕНИТЕКодексот за облекување за сите вработени и странки кои ги посетуваат просториите на Одделот за граѓански работи при МВР, е со цел одржување на професионалниот стандард, на дигнитетот на институцијата и за меѓусебната почит, вели МВР. (Фото: СДК.МК)

    Министерството за внатрешни работи (МВР)  објави Кодекс за облекување за вработените и странките во објектите на Одделот за граѓански работи  и бара отсега да се внимава на облеката кога ќе се доаѓа за сликање или за подигање лични документи.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК како треба да се облечени странките, но и вработените, во МВР ни одговорија во детали, назначувајќи дека сè што важи за граѓаните, странките, истото е и за вработените.

    „За неприфатлива облека при влез во службените простории на Одделот за граѓански работи се смета:

    • премногу кратка облека (многу куси и многу тесни здолништа, како и здолништа кои не се соодветни за институција и куси панталони дизајнирани за плажа или спортски настани);
    • ​облека која прекумерно го открива стомакот, градите или долната облека;
    • ​облека кој вообичаено се користи во домот, на плажа или во ноќни клубови;
    • ​тренерки и облека наменета исклучиво за спортски активности;
    • облека со навредлива содржина (текстови, слики или амблеми кои можат да бидат навредливи за околината и
    • ​несоодветни обувки (влечки, папучи, кломпи, налани, апостолки)“, велат од МВР.

    Кодексот за облекување за сите вработени и странки кои ги посетуваат просториите на Одделот за граѓански работи при Министерството за внатрешни работи, е со цел одржување на професионалниот стандард, на дигнитетот на институцијата и за меѓусебната почит.

    „Како институција која е постојан сервис на граѓаните, веруваме дека соодветното облекување придонесува кон подобра работна атмосфера и почитување на државните институции. Во таа насока, ги замолуваме сите граѓани пред доаѓање во нашите простории (за подигнување лични документи, пасоши или други административни услуги) да се погрижат нивниот изглед да биде во рамките на општоприфатените норми за јавни институции. Истовремено, напоменуваме дека и сите вработени во Одделот се задолжени доследно да го почитуваат утврдениот кодекс за облекување наменет за вработените во Министерството“, соопшти денеска МВР.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира