ВО СИЛА СЕ КАЗНИТЕ ОД 40 ЕВРА ЗА ПЕШАЦИ АКО ЗБОРАТ НА ТЕЛЕФОН И СЕ СО СЛУШАЛКИ НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН, И ОД 50 ЕВРА ЗА ВОЗЕЊЕ ТРОТИНЕТИ И ВЕЛОСИПЕДИ СО ТЕЛЕФОНИ

    ВО СИЛА СЕ КАЗНИТЕ ОД 40 ЕВРА ЗА ПЕШАЦИ АКО ЗБОРАТ НА ТЕЛЕФОН И СЕ СО СЛУШАЛКИ НА ПЕШАЧКИ ПРЕМИН, И ОД 50 ЕВРА ЗА ВОЗЕЊЕ ТРОТИНЕТИ И ВЕЛОСИПЕДИ СО ТЕЛЕФОНИНовите измени на Законор кои се усвоени со цел да се унапреди безбедноста на најранливите категории на учесници во сообраќајот и да се намали бројот на случени сообраќајни незгоди како последица на невнимателно однесување во сообраќајот. (Фото: К. Попов)

    Денеска почнува примената на измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (ЗБСП), така што, пешаците кои преминуваат пешачки премин и разговараат на мобилен телефон, користат слушалки за разговор во двете уши, смарт часовник или таблет ќе бидат казнети. Истите законски мерки важат и за возачи на велосипед, мопед, мотоцикл, трицикл, и четирицикл кои, според законот, за време на управувањето не смеат да користат електронски уреди. Согласно законските измени, казната за поминување на пешачки премин со телефон во рака или на уво е 40 евра, а за возење тротинет, мотор или трактор со користење на електронски уред казната е 50 евра.

    Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) велат дека од денеска стапуваат на сила новите измени на ЗБСП кои се усвоени со цел да се унапреди безбедноста на најранливите категории на учесници во сообраќајот и да се намали бројот на случени сообраќајни незгоди како последица на невнимателно однесување во сообраќајот.

    „Новите законски решенија се воведуваат во насока на елиминирање на одредени навики кај пешаците и возачите од определени категории возила. Со новиот закон меѓу другото е предвидено и дека возачот на електричен тротинет за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид на електронски уред со кој би му се намалила стабилноста и можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови“, велат од РСБСП.

    Ова, според РСБСП, подразбира поставување нови стандарди за одговорно однесување во сообраќајот, при што, пешаците, велосипедистети, возачите на електрични тротинети и останатите учесници во сообраќајот предвидени со законското решение, се обврзуваат да учествуваат во сообраќајот без да користат електронски уреди кои им го одвлекуваат вниманието.

    Системот „Безбеден град“  треба да стартува од 1 јануари 2026 .

    Со новиот Закон за безбедност на сообраќајот се врши усогласување со одредбите од Кривичниот законик, во делот што се однесува на кривичното дело Безобзирно управување со моторно возило. Со тоа дел од досега предвидените прекршоци, стануваат кривични дела, што според МВР ќе придонесе за значително подигнување на културата и свесноста на учесниците во сообраќајот и придржување кон пропишаните услови за учество во сообраќајот.

    Возењето под дејство на алкохол со концентрација од најмалку 1,50 г/кг промили во крвта или возење со брзина која надминува 50 км на час во населено место или 70 км на час надвор од населено место над дозволената, како и возењето под дејство на дроги, психотропни супстанции или прекурзори, согласно последните измени на Кривичниот закон, претставува кривично дело.

    Полицијата е овластена да постави уреди за снимање на јавни места на кои се одвива сообраќај и на кои може да се извршуваат прекршоци од областа на сообраќајот на патиштата. Снимениот материјал се чува во полицијата шест месеци, по што материјалот се уништува, освен материјалот што претставува доказ во кривична или прекршочна постапка, со кој се постапува со согласно со закон.

    На сопственикот на возилото со кое е сторен сообраќаен прекршок документиран со соодветни технички средства и уреди за снимање, му се доставува известување со линк за преземање на записникот со прекршочен платен налог и фото запис со кој е документиран прекршокот.

    За возење под дејство на алкохол се предвидени казни од 225 евра до 375 евра, како и забран за управување со возилото од три месеци до една година.

    Според неофицијалните податоци до кои дојде САКАМДАКАЖАМ.МК, сообраќајните камери кои се во тест период регистрирале по 100.000 сообраќајни прекршоци дневно на само неколку локации каде што се снима. Пресметано на месечно ниво тоа се 3 милиони сообраќајни прекршоци.

    Камерите ги регистрираат прекршоците за брзо возење, погрешно престројување и поминување на црвено светло на семафор.

    Во тест периодот, пред системот да почне официјално да функционира од 1 јануари 2026 со што ќе почне и казнувањето, камерите го следат сообраќајот на територијата на цело Скопје, Тетово и на автопатите Скопје-Гевгелија и Скопје-Тетово. Системот се пушта сукцесивно и ќе ја покрива целата држава.

    Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека системот е во тест фаза и затоа не сакаат уште да излегуваат со точни податоци, затоа што се нецелосни. Но, потврдуваат дека бројките на прекршоци што ги регистрираат камерите се застрашувачки.

    Во 2024, во сообраќајни несреќи загинале 142 лица.

    Од МВР укажуваат дека искуствата од други земји покажуваат оти кога се ставиле во функција камерите, во рок од 6 месеци драстично опаднал бројот на сообраќајни прекршоци откако граѓаните се увериле дека државата сериозно казнува.

    На 28 август, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кажа дека казна затвор и трајно одземање на колите се дел од казните за прекршоците регистрирани со камерите, предвидени со измените на Законот за безбедност во сообраќајот кој е во собраниска процедура. Тој најави дека во наредните месеци ќе се стават во собраниска процедура уште пет-шест закони.

    „Целта не е да се казнуваат граѓаните туку да се спаси барем еден човечки живот. Оној кој седнува зад волан без возачка дозвола, под дејство на алкохол или под дејство на психотропни супстанци, или вози 90 километри на час над дозволеното, тој не заслужува да поседува возачка дозвола и не треба да биде дел од сообраќајот. Ќе ги заостриме казните особено во рамките на Кривичниот законик, па освен парична казна ќе се изрекува и казна затвор и трајно одземање на возилата со кои се сторени кривичните дела“, рече тогаш Тошковски.

    Системот „Безбеден град“ е замислено да функционира во цела држава, но за почеток ќе почне со имплементација во Скопје, Тетово и Куманово. Тошковски на 28 август рече дека се надева оти од 1 јануари камерите ќе функционираат и на Коридор 8 и Коридор 10, а до средината на 2026 да биде покриена целата територија на земјава.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира