Народната банка подготвува нови мерки со кои ќе се олеснат условите за станбен кредит за граѓаните кои првпат купуваат дом, додека критериумите за оние кои купуваат недвижности како инвестиција значително ќе се заострат. Ова го најави гувернерот Трајко Славески по средбата со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, додавајќи дека мерките се очекува да бидат објавени за една до две недели.
Целта, според него, е да им се помогне на младите брачни парови и поединци кои се соочуваат со превисоки цени на становите, особено во главниот град, кои не соодветствуваат со нивните примања.
„Ова што се случува на пазарот на станови, посебно во неколку градови, најмногу во главниот град, ги става во многу незавидна ситуација младите брачни парови или самци кои сакаат да го решат станбеното прашање затоа што цените се премногу високи од аспект на заработката. Ние не сакаме овој тренд да продолжи и мислам дека како Народна банка имаме инструменти со кои тоа ќе го постигнеме“, изјави гувернерот.
Тој посочи дека секаде во светот постои јасна разлика меѓу кредитирање за живеалиште и за инвестиција, бидејќи лицата кои земаат кредит за сопствен дом претставуваат многу помал ризик за банките.
„Лицата кои позајмуваат пари од банките за објекти во кои живеат се со многу помал ризик од аспект на сервисирање на кредитот. Ако сте го ставиле под хипотека живеалиштето, ќе настојувате да се вклопите во рамки на своите доходи за да не се доведете во ситуација да доцните со кредитот“, рече тој.
Гувернерот упати и апел до банките посериозно да ги сфаќаат изјавите што ги потпишуваат кредитобарателите. Според податоците, кај 73 отсто од становите купени на кредит стои дека се наменети за живеење, но тоа никој не го проверува.
„Во многу држави во светот банките ги следат кредитобарателите дали го промениле живеалиштето и доколку се утврди дека е дадена лажна изјава, тоа се смета за тешка измама и банката има право веднаш да побара враќање на кредитот“, додаде тој.
На новинарско прашање, гувернерот рече дека повеќе ја поддржува опцијата за поврат на данокот на додадена вредност (ДДВ) за лицата кои за првпат купуваат стан.