Наставниците кои штрајкуваат од утре ќе престојуваат во заеднички простории договорени со директорите на школите и градинките и нема да извршуваат воспитно-образовни активности, а одговорност на директорите е да организира прифаќање на децата кои евентуално ќе дојдат во училиштата, рече денеска претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков, пред утрешниот генерален штрајк во образованието.
Неделков укажа дека СОНК нема да ги затвори училиштата и градинките, но никој нема право да ги присилува вработените да прифаќаат деца за време на штрајк, и ја повика Владата што побрзо да го почне преговори со Синдикатот за да се најде решение за барањата. Штрајкот ќе трае сè додека не се најде решение.
Од утре ќе бидат одложени и активности кои во меѓувреме биле закажани, како наставнички совети, родителски средби, полагање стручни испити и ученички натпревари, односно ќе биде одложено сè што е поврзано со згрижување, образование и воспитание на деца.
Неделков рече дека има притисоци врз вработените во градинките, кои се принудуваат да бидат на работа и да работат како да нема штрајк, и кажа дека секој обид за одложување на штрајкот е спротивно на законите. Правниот застапник на СОНК ги повика директорите да не се обидат да спречат штрајкување оти ќе добијат кривични пријави, за дело казниво со парична казна или со затвор до една година.
Неделков кажа дека законот од 2014 им дозволува на директорите да ангажираат заменски наставници на место на штрајкувачите, па ги повика место да го спречуваат штрајкот да си ја искористат таа можност.
Денеска Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека основните и средните училишта ќе продолжат да работат, односно ќе примаат ученици и дека училишните раководства имаат законска должност да го организираат воспитно-образовниот процес и да овозможат продолжување на континуитетот на следење на настава во училниците. И Министерството за труд и социјална политика кажа дека при остварувањето на правото на штрајк вработените се должни да обезбедат непречено згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст.
СОНК одлуката со генерален штрајк да се почне на 11 април ја донесе на 29 март, откако не успеаја преговорите со Владата за усогласување на платите со минималната плата на национално ниво. СОНК не отстапува од барањето платите во образованието да се усогласат со минималната плата, која од овој месец се зголеми на 18.000 денари. Синдикатот бара минималната плата во иднина да биде основицата со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работните места во образовниот сектор. Програмската определба на Владата е минималната плата уште да расте, па така автоматски со закон би растела и платата на воспитувачот.