НЕ МОЖЕ ЕДЕН ДА ДОГОВАРА, А ДРУГ ДА МЕСТИ, СРАМОТА Е, МУ ПИШАЛ СТАВРЕСКИ НА ЈАНАКИЕСКИ ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИ

    НЕ МОЖЕ ЕДЕН ДА ДОГОВАРА, А ДРУГ ДА МЕСТИ, СРАМОТА Е, МУ ПИШАЛ СТАВРЕСКИ НА ЈАНАКИЕСКИ ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИНа судењето за предметот на СЈО „Траекторија“ почнаа да се читаат над 300 СМС пораки во врска со тендерот за кинеските автопати. - Миле Јанакиески со Гордана Јанкулоска; Зоран Ставрески со Владимир Пешевски (Фото: СДК.МК)

    Во Кривичниот суд почна читањето на над 300 СМС пораки за незаконскиот тендер за изградбата на кинеските автопати во предметот на СЈО „Траекторија“, откако претходно заврши пуштањето на околу 350 прислушувани разговори.

    Се чита како обвинетиот Миле Јанакиески ја тера работата за тендерот да го добие кинеската компанија „Синохидро“, иако веќе пристига втората понуда од друга кинеска компанија „СВЕ“, која подоцна е игнорирана како да не постои и тендерот го добива „Синохидро“, што е основата на ова обвинение кое го застапува обвинителката Лиле Стефанова.

    Јанакиески му пишува на вицепремиерот Зоран Ставрески дека изгледа ќе има понуда и од компанијата „СВЕ“, па му препорачува да им даде термин некој четврток, ама таа средба да биде протоколарна.

    На 25 февруари 2013 година, кога во тек се и потпишувањата на меморандумите до кинеската влада, Ставрески му пишува на Јанакиески: „Нема ни износ, ни назив, ни фирма, ни параф на документот. Ако нема износ, назив, фирма, нема ни апликација. Не можеш вака да местиш луѓе. Не може еден да договара, а друг да мести. Срамота е!“.

    „Никој никого не мести. Кога ќе ги имам точните суми ќе ти ги пратам. Не е убаво да мислиш дека те местат“, му враќа Миле на Ставрески и му допишува во СМС порака дека кога ќе ги има точните суми, ќе му ги прати на мејл.

    Потоа Ставрески му кажува дека од кинеската амбасада, која претходно се изнела дека ќе ја поддржи секој нивна компанија што ќе го добие тендерот, прашуваат зошто не се известени за апликацијата. Миле му одговара: „Однеси го на ручек амбасадорот и смири го“.

    Во една од СМС пораките пишува да се збори со шефот Никола Груевски на пратенички прашања за Кинезите и за начинот на избор на македонските градежни компании. И нивниот избор, според СЈО, не требало да биде случаен.

    Според обвинението, во овој тендер бил заобиколен законот за јавни набавки и само со директен договор со кинеската компанија „Синохидро“ склучен во октомври 2013 година започнала градбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. Стефанова рече и дека покрај понудата на „Синохидро“, владата на тогашниот премиер Груевски добила преку Пешевски и Јанакиески понуда и од компанијата „СВЕ“. Дополнително, „СВЕ“ самоиницијативно ѝ дала понуда на владата за изградба на автопатите со пониска сума од 4.800.000 евра. По доставените две понуди, Пешевски и Јанакиески првин ги повикале двете компании, а потоа ја прекинале комуникацијата со „СВЕ“.

    Обвинетите биле свесни дека немале законска основа да почнат преговори и покрај тоа што владите на Македонија и Кина потпишале и договор. За да се потпише таков меѓувладин договор, нужно било првин да биде донесен посебен закон. Сè дотогаш важи законот за јавни набавки“, рече Стефанова.

    Според обвинението, Јанакиески и Пешевски ја примиле поевтината на понуда за речиси 5 милиони евра, но не ја доставиле до ЈП за државни патишта, ниту пак ја зеле предвид.

    На 10.10 2013 година, во консултација со тогашниот премиер Груевски, Пешевски и Јанакиески до Собранието доставиле предлог-закон за изградба на двете делници, лажно прикажувајќи им на пратениците дека „Синохидро“ има поповолни понуди за двата автопата со што ја скриле понудата на „СВЕ“ и со тоа државниот буџет го оштетиле за 155.117.256 евра, а тоа е разлика меѓу цената која ја плаќаме како држава на „Синохидро“ и цената која таа ја плаќа на подизведувачите кои ги градат автопатите.

    Во „Траекторија“, Јанакиески, Пешевски и поранешниот директор на Државни патишта Љупчо Георгиевски се обвинети за Злоупотреба на службената положба и овластувања, а Груевски е обвинет за Примање награда за противзаконито влијание.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира