НЕ МОЖЕ НЕКОЈ ПЛАТЕН 2.000 ЕВРА ДА КАЖУВА ДЕКА 400 ЕВРА ПЛАТА Е ДОВОЛНО, РЕКОА РАБОТНИЦИТЕ НА ПРВОМАЈСКИОТ ПРОТЕСТ

    НЕ МОЖЕ НЕКОЈ ПЛАТЕН 2.000 ЕВРА ДА КАЖУВА ДЕКА 400 ЕВРА ПЛАТА Е ДОВОЛНО, РЕКОА РАБОТНИЦИТЕ НА ПРВОМАЈСКИОТ ПРОТЕСТССМ бара минималната плата да биде 500 евра, сите останати плати да бидат зголемени за 100 евра и да се почитуваат колективните договори и работничките права. (Фото: K. Попов)

    Не може луѓе со 2 илјади евра плата да им кажуваат на луѓето дека 400 евра плата е доволно, рече Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ на денешниот протест на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во Скопје во чест 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот. ССМ бара минималната плата да биде 500 евра, сите останати плати да бидат зголемени за 100 евра и да се почитуваат колективните договори и работничките права.

    Протестот почна од пред Работничкиот универзитет „Кочо Рацин“ и продолжија пред Собранието, каде претседателот на ССМ Слободан Трендафилов побара од синдикалците да свртат грб кон Собранието за да почувствуваат како е кога работникот го врти грбот.

    „Луксузот ваш е трудот наш. Ве молам, макар и симболично, да им го завртите сите грбот како што им го вртам јас, за да почувствуваат како е кога работник ќе ви заврти грб. Им ветивме дека ќе дојдеме повеќе, ќе дојдеме и многу повеќе, доколку не донесат измени на Законот за минимална плата и не ги зголемат сите останати плати, доколку не – ние на минималец, тие на минималец“, кажа Трендафилов.

    Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов. (Фото: K. Попов)

    Како што рече, жално е што на 1 Мај, кога се одбележува работничката борба за осумчасовно работно време, „дел од овие зад нас донесоа закон со кој се овозможува во Македонија да имаме 12-часовен работен ден, нешто што го снемало во светот во 1886 година“.

    „Жално е да уживаат привилегии, 78 проценти зголемени плати, проценти за превоз повисоки од минималната плата, собраниско бифе поевтино од работничка менза, а да одбиваат да донесат измени и дополнувања на Законот за минимална плата, нејзино зголемување на 500 евра, за 100 евра зголемување на платите на сите останати работници, да имаат право и работниците, како и пратениците, на трошоци за превоз и на трошоци за храна. Бараме најбрзо што може да покажат дека се за работниците и дека се со работниците“, рече Трендафилов.

    Протесот продолжи кон Стопанската комора и заврши пред Владата, каде Ампева рече дека не протестираат против Владата, туку против сите политичари, против сите оние кои земаат патни трошоци, разни додатоци и имаат службени коли.

    „Не може Владата да каже дека плата со 1.800 денари покачување е доволно. Цел свет разбра дека таа мизерна плата е причина за егзодусот на младите од Македонија. Мора да сфатат политичарите, ако нема плати за работниците, нема даноци, здравство, образование,  нема плати за функционерите со 78 отсто покачување. Без работникот и без плата за живот, нема економија и нема држава“, рече Ампева.

    (Фото: K. Попов)

    Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат на образованието, од политичарите побара да ги почитуваат колективните договори и тоа што го ветиле.

    „Неисполнето ветување е лага, а лагата мора да биде казнета. Лагата врз работници е најголем грев што може да ѝ се препише на една политичка елита. Бараме патни трошоци исто како нивните, хранарина исто како нивната, истите бенефиции, оти ние тоа го заслужуваме. Со што сте вие поважни од нас за ние тоа да не го заслужиме? Нема да има мир додека не се исполнат барањата на работниците“, рече Гиевски.

    Во првмајската честитка претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека „во демократски политички систем мора да се слуша гласот на работникот, да се почитува синдикалното организирање и правото на штрајк, да се негува социјалниот дијалог, да се гради партиципативна демократија“.

    „Први мај е ден кога работниците и синдикатите со право протестираат за повисоки плати и пошироки права, потенцирајќи го социјалниот карактер на македонската држава што има уставна обврска да води сметка за хуманизмот, социјалната правда и солидарноста како темелни вредности на уставниот поредок. Први мај е вистинскиот ден кога ние, носителите на власта треба да се запрашаме: дали и како се остварува правото на работа, дали секој има слободен избор на вработување, дали вработените се заштитени при вработувањето, дали се соодветно материјално обезбедени при невработеност, дали секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, дали заработувачката е соодветна на трудот, дали секој вработен има право на дневен, неделен и годишен одмор, дали се почитуваат колективните договори?Пред нас се многу проблеми и дилеми што мора да се надминат“, рече Сиљановска-Давкова.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира