НЕМОЈТЕ ДА БИДЕТЕ ЖРТВА НА ИЗНУДА ВО ЗАМЕНА ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ, КАЖА ХРВАТСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ МИЛАНОВИЌ ВО СКОПЈЕ

    НЕМОЈТЕ ДА БИДЕТЕ ЖРТВА НА ИЗНУДА ВО ЗАМЕНА ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ, КАЖА ХРВАТСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ МИЛАНОВИЌ ВО СКОПЈЕМилановиќ вели дека дека не е дојден да дели совети, но кажа дека не сите совети кои доаѓаат од соседите, меѓународната дипломатија или од ЕУ се паметни и корисни. (Фото: К. Попов)

    Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, за време на неговата прва официјална посета на Македонија по стапувањето на функцијата на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, рече дека државата не треба да биде жртва на изнудувања во замена за членство во Европската Унија. Тој додаде дека не е дојден да дели совети, но кажа дека не сите совети кои доаѓаат од соседите, меѓународната дипломатија или од ЕУ се паметни и корисни.

    „Вие сте тие кои ќе одлучите што е важно за вас. Само немојте да бидете жртва на некаква принуда, изнудување, кога станува збор за членството во ЕУ“, изјави Милановиќ на заедничката прес-конференција со Сиљановска – Давкова во Вила Водно.

    Претседателката Сиљановска – Давкова кажа дека Копенхагенските критериуми се тие што ќе ја направат земјата „стандардна европска, досадна држава“, додавајќи дека ветото не е пријателски инструмент.

    „Очекувам разбирање, а се разбира ние во меѓувреме мора да ја тераме државната агенда, економски, културно да се развиваме“, рече Сиљановска – Давкова.

    Таа ги оцени односите со Хрватска како традиционално пријателски, нагласувајќи дека соработката во сите сфери напредува. Сиљановска – Давкова потсети и на поддршката од Хрватска за време на нејзиното претседателство со ЕУ во 2020 година, кога земјава, заедно со Албанија, направи исчекор во евроинтеграциите.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира