НЕВИН СУМ ЗА „ШПАНСКИ СКАЛИ“ И ЌЕ СЕ БРАНАМ АКТИВНО, КАЖА МИЛЕ ЈАНАКИЕСКИ НА ПОЧЕТОКОТ НА НЕГОВИОТ НОВ СУДСКИ СЛУЧАЈ

    НЕВИН СУМ ЗА „ШПАНСКИ СКАЛИ“ И ЌЕ СЕ БРАНАМ АКТИВНО, КАЖА МИЛЕ ЈАНАКИЕСКИ НА ПОЧЕТОКОТ НА НЕГОВИОТ НОВ СУДСКИ СЛУЧАЈЕксминистерот за транспорт Миле Јанакиески е првообвинет во случајот според кој државата е оштетена со 2,6 милиони евра, со незаконската продажба на државното земјиште на Плоштадот Македонија пред зградата на ЕВН за изградба на лажнобарокна зграда со скалило по урнек на римските Шпански скали. (Фото: СДК.МК)

    Почна судењето за случајот „Шпански скали“, во кој првообвинет е ексминистерот за транспорт и врски во времето на Никола Груевски, Миле Јанакиески, потоа Димитар Димовски, Билјана Дејановска- Димитровска, Виолета Самарџиска, Анета Јорданова, Дејан Митевски, Емилија Радојкова, Снежана Крстевска, Ристо Папазов, Лидија Смиљановска, Марјан Јованов.

    На барање на градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, судијата Владимир Туфегџиќ на почетокот на денешното судење даде согласност за увид на обвинетите во документацијата која била предмет на електронско наддавање за продажба на парцелите кои се опфатени со обвинението.

    Обвинителката од организиран криминал и корупција Ивана Трајчева даде воведен збор за обвинението според кое државата, со незаконската продажба на државното земјиште на Плоштадот Македонија пред зградата на ЕВН, е оштетена со 2,6 милиони евра.

    Јанакиески, Димовски, Дејановска-Димитровска, Самарџиска и Јорданова, сите од Министерството за транспорт и врски, се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувањата. Исто и нотарите Ристо Папазов и Лидија Смиљановска, но и Марјан Јованов кој е нејзин соизвршител.

    За злоупотреба на службената положба и овластувањата е обвинета и Емилија Радојкова, Државен правобранител на Скопје. Обвинетата Снежана Крстевска се товари за несовесно вршење во службата.

    „Не се чувствувам виновен и ќе се бранам активно“, рече Миле Јанакиески, обвинет за повеќе корупциски случаи од времето на неговиот шеф Никола Груевски.

    Покрај него, за невини се изјаснија сите останати обвинети во „Шпански скали“.

    „Во периодот од 21.12.2010 година до 08.08.2018 година, првоообвинетиот Јанакиески со петмина административни службеници од Министерството, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште и не иницирале постапка за раскинување на Договорите за отуѓување на градежно земјиште и враќање на градежното земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, ниту наплатиле договорна казна, со што овозможиле купувачите да се стекнат со противправна имотна корист“, стои во обвинението што го прочита денеска Трајчева.

    Станува збор за парцелата од 1.046 метри квадратни, односно просторот на Плоштадот, кој сега е плочник со тревник и лесно може да се препознае. Ова државно земјиште во 2013, тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ преку Јанакиески го продаде на фирмата од Албанија „Амадеус груп“ за 1,5 милиони евра, за да се гради лажнобарокна зграда со скали надвор од купената парцела, истурени кон споменикот „Воин на коњ“.

    Следуваат воведни зборови на обвинетите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира