НИКОЛА ГРУЕВСКИ ДОБИ ОСЛОБОДИТЕЛНА ПРЕСУДА ЗА ГРАДБАТА НА БЕЛАТА ПАЛАТА, ВМРО-ДПМНЕ НА ЧЕКОР ДА СИ ГО ВРАТИ КОНФИСКУВАНОТО СЕДИШТЕ

    НИКОЛА ГРУЕВСКИ ДОБИ ОСЛОБОДИТЕЛНА ПРЕСУДА ЗА ГРАДБАТА НА БЕЛАТА ПАЛАТА, ВМРО-ДПМНЕ НА ЧЕКОР ДА СИ ГО ВРАТИ КОНФИСКУВАНОТО СЕДИШТЕВо 2022 Груевски беше проглсен за виновен и доби шест години затвор за случајот „Талир 2“ (Фото: СДК.МК)

    Судијката Даниела Алексовска-Стојановска изрече ослободителна пресуда во повтореното судење за предметот „Талир 2” за незаконската градба на ВМРО-ДПМНЕ.

    Прво СДСМ делумно ги спаси експремиерот и екслидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и Кирил Божиновски, првично осудени на шест години затвор и на условна казна, со измените на Кривичниот законик, кои целосно го ослободија Божиновски.

    Судењето продолжи со Никола Груевски кој од 2018 е избеган во Будимпешта, Унгарија, но судијката рече дека тие навидум минорни измени на Кривичниот законик, всушност, многу влијаеле на битието на кривичното дело. Оттаму, таа рече дека застапникот на обвинението не вложил напор ни на повтореното судење, ни во завршниот збор, да смени нешто во обвинението во однос на измените на Кривичниот законик. Напротив, како Ленче Ристоска, така и нејзиниот наследник Кристијан Смилевски, останале на истите факти и докази, со кои првично беа осудени Груевски и Божиновски во овој суд, кој со тие  неприлагодени докази не утврдил дека обвинителите го докажале обвинението. Додуша Ристоска не ги ни дочека завршните зборови, таа беше тргната од предметот.

    Судењето за овој сложен предмет почна во 2019. Застарува следниот месец.

    Првично беа обвинети Никола Груевски и Кирил Божиновски за Злоупотреба на службената положба и овластувањата. Во 2022 судијката ги прогласи за виновни и Груевски доби шест години затвор, а Божиновски условна казна затвор.

    Конфискуван беше деловниот објект Белата палата, која според обвинението е незаконски изградена. Исто така, и стекнатиот имот од незаконскиот договор со „Бетон“ на Минчо Јорданов, кој немал право да го гради бидејќи добивал тендери од државата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, односно од Груевски како претседател на Владата. Фактички „Бетон“ градеше хотел, што никогаш не го изгради, на парцела на ВМРО-ДПМНЕ, на улица Македонија во центарот на Скопје. За возврат, на владејачката партија ѝ изгради бесплатно седиште – зграда од осум ката до “хотелот”, што се смета за недозволена донација од добитник на милионски тендери од државата кон партијата на власт што му ги дава тендерите.

    Апелациониот суд во 2023 ја укина пресудата и предметот го врати на повторно судење.

    Во меѓувреме беа донесени срамните измени на Кривичниот законик, со кои беше амнестиран и Кирил Божиновски. Му застаре делото преку ноќ со тие измени, па во предметот останаа само Груевски и ВМРО-ДПМНЕ како засегната партија.

    За оваа судијка ВМРО-ДПМНЕ имаше секојдневни прес-конференции со тешки навреди кон неа. „Талир 2” го водеше обвинителката Ленче Ристоска до пред неколку месеци, кога ѝ беше одземен, исто како и „Талир 1”, кој се влече со години во Кривичниот суд, по што таа поднесе оставка од обвинителската функција.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира