НОВ СКАНДАЛ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ, ОДЛОЖЕНА ЗАКЛЕТВАТА НА НОВИОТ ЧЛЕН НАКЕ ГЕОРГИЕВ ЗА ВО МЕЃУВРЕМЕ ДА ГО ИЗБЕРАТ СИН МУ ЗА СУДИЈА

    НОВ СКАНДАЛ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ, ОДЛОЖЕНА ЗАКЛЕТВАТА НА НОВИОТ ЧЛЕН НАКЕ ГЕОРГИЕВ ЗА ВО МЕЃУВРЕМЕ ДА ГО ИЗБЕРАТ СИН МУ ЗА СУДИЈАНаке Георгиев се смета веќе за избран член на Судскиот совет, бидејќи нему веќе му е дадено решение дека и официјално е член на Советот . За тоа и формално е известен Врховниот суд од каде што доаѓа. - Од претходната седница на Судскиот совет (Фото: СДК.МК)

    Судскиот совет е пред нов скандал, откако денеска дојде на ред да се бира за судија синот на новоизбраниот член на Советот, Наке Георгиев. Законот за судовите во членот 43 вели или таткото или синот. Не може двајцата.

    Во ставот 4 од овој закон се вели дека „за судија или судија поротник не може да биде избрано лице кое со член на Судскиот совет на Република Македонија е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар“.

    Но, под силен притисок на политиката, велат во Судскиот совет, од вчера има паника кај дел од членовите, кои бараат начин како таткото да остане во Судскиот совет, а синот сепак да му биде избран денеска за судија.

    Напомош се приклучи Собранието. За денеска закажаната заклетва на новоизбраните членови Наке Георгиев и Антоанета Димовска во 9.30 часот, одложена е за во 14 часот.

    Намерата е првин синот Георгиев да се избере на закажаната седница во Судскиот совет, а потоа Наке да оди на заклетва, што е флагрантно кршење на Законот за судовите.

    Попусто членови во Судскиот совет им објаснуваат на колегите што работат на тоа да се спасат и таткото и синот, дека Судскиот совет прави кривично дело.

    Наке Георгиев се смета веќе за избран член на Судскиот совет, бидејќи нему веќе му е дадено решение дека и официјално е член на Советот . За тоа и формално е известен Врховниот суд од каде што доаѓа. Заклетвата што ја одлагаат, не значи станување член, кандидатите за Советот од редот на судиите што се бираат на непосредни избори, како Георгиев, добиваат решение уште кога ќе победат.

    И според најавата на Собранието за свечената изјава, Наке Георгиев се смета за веќе избран член на Судскиот совет. (Фото: Собрание/принтскрин)

    Ако не си поднесе оставка од функцијата, членовите кои ќе гласаат за избор денеска или кога и да е за синот на Наке Георгиев додека е тој член во Судскиот совет, ќе сторат кривично дело.

    Со оглед на тоа дека синот е дипломиран слушател на Академијата за судии и јавни обвинители, а тие дипломци според законот мора да бидат избрани за судии во основните судови, Георгиев мора да си даде оставка, или синот да се откаже.

    Судскиот совет запре дисциплинска постапка против Георгиев, еден ден откако го стави за единствен кандидат од Врховен суд за член на Судскиот совет.

    Победи само со 5 гласа, шестиот беше негов. Останатите врховни судии го испошкртаа гласачкото ливче со само еден кандидат.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира