Депозитите на граѓаните во „Еуростандард банка“ се осигурени и ќе бидат обесштетени од Фондот за осигурување на депозити (ФОД), а исплатата ќе почне во рок од 20 дена, откако Народната банка (НБМ) ја укина дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје, соопштија НБМ и ФОД.
„Депозитите на граѓаните во ‘Еуростандард банка’ АД Скопје кои согласно со Законот за Фондот за осигурување на депозити се осигурени, ќе бидат обесштетени од Фондот за осигурување на депозити (ФОД), во износ до 30.000 евра по лице. Од ФОД ќе бидат обесштетени депозитите на 99,4% од физичките лица – депоненти во ‘Еуростандард банка’ АД Скопје. Исплатата од страна на ФОД ќе започне во рок од 20 дена, согласно со Законот. Вкупниот износ на депозитите на физички лица кои ќе бидат обесштетени изнесува околу 4,4 милијарди денари (со состојба на 31 јули 2020 година). ФОД располага со доволен обем на средства и исплатата на депозитите ќе се спроведе навремено“, се вели во соопштението.
Во соопштението се вели дека Народната банка, постапувајќи согласно со Законот за банките, ја укина дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“. Укинувањето на дозволата се должи на неисполнување на минимални законски услови за работење на банка.Поради тоа што се работи за банка на која отпаѓа само 1,3% од активата на банкарскиот систем, укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ не влијае на стабилноста на банкарскиот систем, кој и натаму останува стабилен и високо капитализиран.
„Учеството на ‘Еуростандард банка’ АД Скопје во вкупната актива, вкупните депозити и вкупните кредити на банкарскиот систем, со состојба на 30 јуни 2020 година е само 1,3%, 1,7% и 1,6%, соодветно, и со тоа воопшто не ја доведува во прашање стабилноста на банкарскиот систем. Банкарскиот систем е и останува стабилен и добро капитализиран, со висока ликвидност“, велат од НМБ и ФОД.
Според НБМ, во изминатиот период поради поголема изложеност на ризици „Еуростандард банка“ беше под засилен теренски и вонтеренски супервизорски надзор. Народната банка постојано изрекуваше мерки со кои бараше „Еуростандард банка“ да ги отстрани слабостите во своето работење, да ја намали изложеноста на ризици и да ги подобри процесите за управување со ризиците, a особено со кредитниот ризик. Притоа, клучно, беа изрекувани и мерки во насока на зголемување на капиталот на „Еуростандард банка“ АД Скопје. Клучните проблеми на „Еуростандард банка“ се одраз на слабости од минатиот период, а не на тековните состојби.
„Со супервизорско следење, во 2019 година кај ‘Еуростандард банка’ АД Скопје беше утврден недостиг на капитал (поткапитализираност), поради што Народната банка презеде повеќе мерки, a една од клучните мерки беше барање за докапитализација на ‘Еуростандард банка’ АД Скопје. Преземените обврски за докапитализација за 2019 година беа делумно исполнети, но обврските за потребната докапитализација преземени за првата половина од 2020 година не беа исполнети.Неисполнувањето на обврските за докапитализација и брзата и повисока материјализација на кредитниот ризик ја намалија стапката на адекватност на капиталот на ‘Еуростандард банка’ АД Скопје под 2%. Со тоа, согласно со Законот за банките, ‘Еуростандард банка’ АД Скопје е несолвентна“, вели НБМ и најви дека поради ова, утре до надлежниот суд ќе достави предлог за отворање стечајна постапка во „Еуростандард банка“, а дека со отворањето на стечајот се очекува брза и ефикасна наплата на побарувањата на доверителите.
ФОД преку посебно соопштение во медиумите, на својата веб-страница и во јавните гласила ќе ги извести депонентите за датумот на почеток на исплатата на обесштетувањето на осигурените депозити, за банката-исплатувач, односно банките-исплатувачи преку која/кои ќе се врши исплатата на осигурените депозити и за начинот на подигнување на потврдите за сопственост на депозитите.