ОБЕЗБЕДЕНИ ДОКАЗИ ЗА 34 ОСОМНИЧЕНИ ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА, ЌЕ ОДГОВАРА И ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО КОЕ ПРОДАЛО КАРТИ НА НАД 30 ДЕЦА И ЈА ПРЕПОЛНИЛО ДИСКОТЕКАТА

    ОБЕЗБЕДЕНИ ДОКАЗИ ЗА 34 ОСОМНИЧЕНИ ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА, ЌЕ ОДГОВАРА И ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО КОЕ ПРОДАЛО КАРТИ НА НАД 30 ДЕЦА И ЈА ПРЕПОЛНИЛО ДИСКОТЕКАТАНема членовите на обезбедувањето да ги спаси фактот дека спасувале деца и други млади животи на кои незаконски им ги продале картите и ја преполниле просторијата, јасно е обвинителството. (Фото: СДК.МК)

    Со синоќешното апсење на градоначалници на Кочани, бројката на осомничени за пожарот во импровизираниот кабаре-клуб „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 59 деца и младинци, засега дојде до 34 физички лица и три правни, односно фирми. Меѓу загинатите се и 6 деца, а биле повредени уште 197 лица од кои 25 деца.

    Верижното криминално и пасивно однесување и замижување на одговорните лица, придонело на 16.03.2025 година за време на настапот на групата ДНК биде предизвикан катастрофалниот пожар.

    „Ако се обезбедат докази, ќе бидат опфатени уште лица, засега неутврдени, кои иако биле свесни дека поради нивното делување или неделување може да настапи штетна последици, се согласиле со настапувањето на таа штетна последица и придонеле за фаталниот исход“, кажа државниот обвинител Љупчо Коцевски пред да даде опис за секого од овие 34 лица кои придонеле за тешката катастрофа.

    (Графика: Призма)

    „Тројца осомничени се јавуваат како одговорни лица, косопственици или управители во извесен период во фирмата чија подружница е клубот ‘Пулс’. Првиот од нив е закупец на објектот, каде е лоциран клубот, реален сопственик и носител на вкупниот потфат во работењето на објектот со намена за лесна индустрија, кој се наоѓа во индустриска зона и кој воопшто не исполнувал услови за да биде пренаменет во угостителски објект кабаре, согласно законот за угостителска дејност. Но, во континуитет овие тројца осомничени, иако знаеле дека не исполнуваат услов, добивале лиценца и го работеле кабарето, организирале настани. Знаеле и биле свесни дека клубот не ги исполнува законските услови за вршење на угостителска дејност. Постои основано сомнение дека првоосомничениот, за период од 13.02.2024 година до 13.02.2025 година директно на осомничено службено лице вработено во Министерството за економија, му дал паричен износ за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши и на тој начин, без притоа да биде спроведена законски пропишаната постапка, обезбедил фалсификувана службена исправа – лиценца за вршење на угостителска дејност. Поради тоа против вработениот во Министерството за економија е поведена постапка и за – Примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик“, кажа Коцевски.

    Една од осомничените е и сопственичка и управителка на осомничено правно лице од Кочани која во текот на 2010 година постапила по барање на осомничениот сопственик и му изготвила основен проект како услов за отпочнување со работа и вршење на угостителска дејност – кабаре, иако знаела дека не постоеле законски услови објектот да биде пренаменет од категорија лесна индустрија во објект што врши угостителска дејност – кабаре.

    Овој проект сопственикот во периодот од 2012 до 2023 година во континуитет незаконито го користел во прилог на барање за добивање лиценци за вршење угостителска дејност.

    Во 2023 година тој се обратил на осомничената за да изврши корекција на основниот проект, а таа, без да изврши проверки на лице место, незаконски извршила промена на правните лица во основниот проект и со тоа овозможила кабарето да поднесува барања за лиценца.

    „Од Министерството за економија до овој момент осомничени се поранешен министер, но и поранешен државен секретар, раководител на сектор, раководител на одделение и помлад соработник, кои и во моментов работат во Министерството но на други раководни позиции. Сите тие со неизвршување на своите службени должности што биле правно должни да ги извршат, не постапиле според прописите и техничките правила за мерките за заштита и на осомниченото правно лице кое не ги исполнувало пропишаните услови и начин за вршење на угостителска дејност во повеќе наврати со лиценци му овозможиле вршење угостителска дејност – кабаре“, кажа Државниот обвинител.

    Покрај ексминистерот за економија Крешник Бектеши, од високите носители на функции, во притвор е и ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, но и раководители на сектори.

    „Поранешен директор на Државниот пазарен инспекторат и три службени лица инспектори, иако биле должни да вршат инспекциски надзор, не ги извршиле своите службени должности и во периодот од 09.01.2020 година до 16.03.2025 година во ниту еден наврат не извршиле контрола над работењето на правното лице за да утврдат дали има важечка лиценца, дали ги исполнува пријавените минимално-технички услови наведени во барањето за Лиценца за вршење на угостителска дејност – кабаре, и другите пропишани услови согласно закон, со што овозможиле Кабарето ПУЛС незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност“, кажа обвинителот Коцевски.

    Осомничените тројца градоначалници на Кочани, меѓу кои е и актуелниот Љупчо Папазов, цело време гледале како Општината прима уплати од незаконската дискотека и не реагирале.

    „Во периодот од 2012 година до 16.03.2025 година, како и осомничените двајца поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, тројцата градоначалници не ги извршувале своите правни обврски согласно Законот за заштита и спасување, со што овозможиле Кабарето ПУЛС незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност, спротивно на Законот за угостителска дејност и другите пропишани услови согласно закон. За целиот тој период општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект“, рече денеска Коцевски на прес-конференцијата пред Кочанското обвинителство.

    Во однос на активностите на Државниот пазарен инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи продолжува да врши проверки во насока на утврдување на сите пропусти во текот на целиот временски период на работа на клубот.

    На 16.03.2025 година, еден од осомничените, одговорно лице во клубот, усно организирал концерт – настап без формално потпишан договор со музичката група ДНК и притоа заедно со осомничените управители и осомничените припадници на агенцијата за обезбедување, свесни дека капацитетот и условите во објектот тоа не го дозволуваат, овозможиле влез на околу 650 посетители помеѓу кои имало најмалку 31 дете. Едно од осомничените лица вршело продажба на билети без притоа да води сметка за бројот и возраста на гостите кои смеат да присуствуваат, спротивно на Законот за угостителска дејност, овозможувајќи влез и присуство и на малолетни лица на настанот.

    „Осомничените одговорни лица во дискотеката и членови на обезбедување, не спречиле за потребите на настапот на групата ДНК да се внесат во угостителскиот објект и да се употребат експлозивни материи – пиротехнички фонтани, иако за тоа дејствие немале задолжителна дозвола издадена од надлежни органи за да ракуваат со пиротехнички средства, ниту пак просторните услови дозволувале употреба на такви пиротехнички средства. За внесување и употреба на пиротехничките средства е осомничен и еден член на музичката група. Постои сомнение дека членовите на бендот околу 02:32 часот како дел од сценскиот настап и ефект ги активирале експлозивните материи – пиротехнички фонтани кои исфрлале искри во правец на плафонот над сцената од кои веднаш се опожарил кровниот дел од објектот и пожарот се проширил по целиот објект“, посебно се осврна Коцевски.

    Членовите на обезбедувањето имаат страшна одговорност и се едни од клучните кои би го спречиле катастрофалниот пожар, но не го направиле тоа.

    „Во однос на пропустите на обезбедувањето, осомничени се сопственикот и управител на фирмата за обезбедување од Скопје, овластеното лице на подружницата во Кочани, тројца вработени и едно лице кое не било вработено во фирмата но вршело одредени работи за таа фирма. Сите тие вршеле работи на физичко обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, без да ги проверат условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, како и другите сигурносни услови особено во однос на опасности и можности за евакуација. Во текот на критичната вечер, не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот на посетителите во објектот и не спречиле внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства со кои бил предизвикан пожарот и поради кои настанала несреќата во објектот“, кажа Коцевски.

    Нема членовите на обезбедувањето да ги спаси фактот дека спасувале деца и други млади животи на кои незаконски им ги продале картите и ја преполниле просторијата, јасно е Обвинителството.

    Сите осомничени се обезбедени. Кочанското обвинителство со оглед на тежината на кривичното дело кое им се става на товар и сите други околности, бара притвор за сите осомничени со исклучок на 3 лица кои се хоспитализирани.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира