ОБВИНЕТИОТ ГАЗДА НА „ПУЛС“ ГИ ТЕРАЛ КЕЛНЕРИТЕ ДА ЧИСТАТ ПОД ПУКНАТА ЦЕВКА ШТО СМРДЕЛА И ДА ГЛУМАТ ГОСТИ КОГА ЌЕ ДОШЛА ИНСПЕКЦИЈА ЗАШТО НЕ БИЛЕ ПРИЈАВЕНИ

    ОБВИНЕТИОТ ГАЗДА НА „ПУЛС“ ГИ ТЕРАЛ КЕЛНЕРИТЕ ДА ЧИСТАТ ПОД ПУКНАТА ЦЕВКА ШТО СМРДЕЛА И ДА ГЛУМАТ ГОСТИ КОГА ЌЕ ДОШЛА ИНСПЕКЦИЈА ЗАШТО НЕ БИЛЕ ПРИЈАВЕНИДеко секогаш знаеше кога ќе доаѓа инспекција. - Обвинетиот Дејан Михајлов на судење во Идризово (Фото: СДК.МК)

    По долго противење на одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов, газда на кочанската дискотека „Пулс” во која на 16 март лани во катастрофалниот пожар и стампедо загинаа 63 млади луѓе и деца, судот дозволи да се прочитаат исказите на сведоците Ана Томева и Лина Крстева од Кочани, за кои психијатри вештаци констатирале дека имаат психички растројства и не можат да дојдат да сведочат и поминат низ настанот по вторпат или кога и да било. Едната од нив паднала во несвест во автобус, бидејќи многу луѓе на едно место повеќе не може да гледа, а другата, која е меѓу најтешко повредените преживеани, е половина изгорена.

    На моменти, дел од адвокатите инсистираа двете девојки и во ваква ситуација да дојдат и да сведочат, што предизвика револт, гласни реакции и солзи кои потоа не можеа да се запрат.

    Адвокатот Ванчо Шехтански кажа на микрофон: „Нека знае јавноста, едната од нив е ќерка на обвинителот од Кочани”. Особено беше нејасно зошто толку се смееше кога го кажа ова.

    Ана го изгубила дечкото и многу другарки, другари и колеги. Одела во „Пулс“ како малолетничка, а потоа работела таму како келнерка, а подоцна и во кафулето „Класик“. Била пријавена само 5 месеци, од сето тоа работење.

    „Парите ни ги даваше на рака. Газда беше Дејан Јованов, син му Михаил Јованов ни ги даваше инструкциите. Никогаш не одлучуваше за нешто без да го праша. Кога ќе куцневме на терминал, место фискална излегуваше сметка- испратница. Тие сметки ги чуваа келнерите. Тие ги викавме „црни пари”. Газдата Дејан Беше опседнат со пари, нѐ тераше да работиме сѐ и сешто. Хигиената во локалите беше на најниско ниво. Во „Пулс“ имаше просторија кај што се чуваше вино. Имаше пукната цевка, мирисаше лошо. Нѐ тераше да ја чистиме. Лице познат како “Цуната” беше главен дилер на дрога. Беше стално апсен, па пуштан“, кажала Ана во обвинителството.

    Често гледале како доаѓаат маж и жена Митеви, инспектори, мажот бил викан „Глобус”.

    „Беа арогантни. Стоеја со Деко на шанк“, рекла таа.

    На следно прашање од обвинител, Ана одговара дека ретко кога полицијата им рекла да исклучат музика по истек на работното време.

    „Полицијата ни велеше само да ја намалиме. Кои други го штителе, не знаеме, важно Деко секогаш знаеше кога ќе доаѓа инспекција. Кога доаѓаа, Невработени се тргаа настрана, седнуваа на маса, глумеа дека се гости”, кажува сведокот.

    На прашање, одговорила дека дури по пожарот дознала дека позади имало некоја врата. Не слушнала ни дека се користи. Карти продавал обвинетиот Тодор Јованов, брат на газдата Дејан Јованов. Продавал без фискални сметки. Претходно вртеле и факели со оган, како што било по реновирањето на „Пулс”.

    Иако работела таму, никогаш немала обука за противпожарна заштита, како за себе, така и за гостите. Синот Михаил Јованов реагираше на овој исказ, ја нарече изјавата неточна.

    „Изгледа затоа не доаѓа да сведочи”, рече тој.

    По овој исказ, се читаше изјавата на Лина Крстева, која присуствувала и на други концерти на музичката група ДНК, во изјавата пред обвинител кажала дека и другпат тие во настапите користеле прскалки.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира