ОБВИНИТЕЛКИТЕ ПОБАРАА ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР ЗА ПАЛЕВСКИ, ВИДЕВСКИ, МАНЕВ И КЕШИШЕВ ЗА КИДНАПИРАЊАТА И СВИРЕПИТЕ УБИСТВА НА ПАНЧЕ И ВАЊА

    ОБВИНИТЕЛКИТЕ ПОБАРАА ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР ЗА ПАЛЕВСКИ, ВИДЕВСКИ, МАНЕВ И КЕШИШЕВ ЗА КИДНАПИРАЊАТА И СВИРЕПИТЕ УБИСТВА НА ПАНЧЕ И ВАЊАЉупчо Палевски-Палчо e главен обвинет за грабнување на Панче Жежовски од Велес и на Вања Ѓорчевска од Скопје и за нивно убиство. (Фото: СДК.МК)

    На вториот ден од завршните зборови на големото судење против Љупчо Палевски-Палчо како главен обвинет за грабнување на Панче Жежовски од Велес и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и за нивно убиство веднаш по грабнувањата, на Панче на 22.11.2023 година и на Вања 5 дена подоцна, обвинителките побараа доживотен затвор за него.

    Доживотна затворска казна побараа и за обвинетите Велибор Манев и Боре Видевски од Велес, како и Влатко Кешишев од Штип.

    За таткото на Вања Алекдандар Ѓорчевски, кој според обвинението, му дојавил на Палевски кога неговото дете ќе оди сама на училиште, без сестра и’, за да ја киднапираат и потоа сите да бараат откуп од мајка и’, обвинителката Ана Стојковиќ-Димитриевска побара судот да му одреди соодветна затворска казна.

    „Нема потешка казна од загуба на дете и од живот со таква совест како во случајов на таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски. Не тврдиме дека сакал да му го убијат детето, но учествувал во киднапирањето на ќерка си и бараме соодветна казна за тоа”, беше кажано во завршните зборови.

    За Манев во завршните зборови кажа дека во својата одбрана пробал да протне олеснувачка верзија за злосторствата што ги сторил врз Панче и Вања, како што велеше, по наредба на Палчо. Тој тврдеше дека Палевски им покажал слика од жена што треба да се киднапира, и дека во темницата кога ја нападнале и врзале Вања, со Боре не гледале дека врзуваат и ставаат во вреќа дете.

    За Видевски кажа како во детали по приведувањето раскажал пред обвинител како ги грабнале и како Палчо ги убил Панче, па потоа Вања. А на судење, целосно негираше учество во кривичните дела и рече дека бил тепан за да признае.

    „Само присутен човек или учесник, може да раскаже настан со толкава прецизност. Ако бил тепан во полиција, можеше да ја смени изјавата пред обвинител и да одговори потврдно на прашањата од обвинител дали бил подложен на тортура и на тепање во полиција”, кажа обвинителката за каратистот Боре Видевски

    Исто како и за нив, така и за Кешишев кој ја однесе полицијата на местото каде беше закопано убиеното девојче, обвинителката кажа дека место да пријават веднаш во полиција, тие му верувале на избеганиот Палевски дека парите за откуп сепак ќе ги земат, и покрај ликвидацијата на грабнатото дете.

    „Кои мисли му се вртеле на тоа невино човечко суштество, на тоа дете врзано и пикнато во вреќа?”, зборуваше обвинителката.

    Мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, преку адвокатката кажа дека се приклучува кон кривичниот прогон, на обвинетите, меѓу кои и на поранешниот сопруг Александар, таткото на нејзиното убиено дете.

    „Кога ќе слушневме за вакви брутални убиства на деца, на моите девојчиња им велев: Ова кај нас не се случува. Но, ми се случи мене. Го убија моето дете. Го испратив на училиште, по една недела ја дочекав во мртовечки сандак. Ова повеќе не смее да се повтори”, прочита адвокатката писмо од Зорица.

    Кон кривичниот прогон се придружија и ќерките на 74-годишниот Панче Жежовски, кои како и Зорица, бараат нематеријална отштета за душевна болка и за опоравување.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира