Скопското основно јавно обвинителство (ОЈО) ќе ги испита индициите за фалсификување на уверението за положен ТОЕФЛ испит за познавање англиски јазик на новоизбраниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски, рекоа оттаму извори за САКАМДАКАЖАМ.МК, бидејќи по закон овој допрен глас со индиции и можни докази, мора да се провери. Ако Антикорупциската комисија во разумен рок не постапи, односно не ја заврши проверката, ОЈО Скопје нема да ја чека и ќе отвори предмет.
Ако пак сомневањата се основани, тогаш ќе се отвори (пред)истрага и Јавното обвинителство на Македонија ќе бара докази со меѓународна правна помош од колегите од Бугарија, односно соработка со тамошното обвинителство.
Христовски во официјалната биографија навел дека во март 2022 зел ТОЕФЛ-сертификат за англиски од компанијата „Јулија ЦО ЛТД“ од Пловдив, Бугарија. На 9 октомври годинава, две директорки на јавни установи се осудени на условни казни затвор бидејќи кога конкурирале за функцијата како доказ за познавање на англиски јазик приложиле ТОЕФЛ-сертификат издаден од истата компанија издаден во ноември и декември 2022. На обвинението му претходеле кривични пријави од МВР поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Употреба на исправа со невистинита содржина, поднесени на 14 февруари, во периодот кога со овој ресор раководи Панче Тошковски како технички министер.
Засега, никој не може да каже дали има некоја измамничка мрежа за лажни ТОЕФЛ-уверенија, која ги продава за одредена сума пари во Македонија, а можеби и пошироко.
Имателите на фалсификат-уверенијата се сторители на кривично дело фалсификување на исправа и измама.
Од обвинителството велат дека имаат меморандум за соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и според него, кога станува збор за проверки во врска со носители на јавни функции, предност има Комисијата, бидејќи таму се досиејата, анкетните листови за испитуваниот имот, изјавите за конфликт на интереси и друго.
„Но, мислењето што ќе го донесе ДКСК, не е обврзувачко за Обвинителството“, ни рекоа оттаму.
Од Антикорупциската комисија, пак, вчера рекоа дека никој не ги спречува МВР и Обвинителството да фатат да го истражуваат случајот за можна измама со непостоечка сертифицирана институција во Пловдив која спроведува испити, оценува, рангира и дава уверенија за ТОЕФЛ.
Викендот и бугарски новинари на ФАКТОР.БГ открија дека на локацијата не постои Школото и не се занимава со издавање ТОЕФЛ сертификати. Од вчера не постои ни фејсбук страницата „Јулија ЦО ЛТД“, која сега е избришана.
С. К. ДЕЛЕВСКА