ОЧЕКУВАМЕ МАКЕДОНИЈА ДА ГО ПРОМЕНИ УСТАВОТ, КАКО ШТО БЕШЕ ВЕТЕНО, КАЖА КАНДИДАТКАТА ЗА ЕВРОКОМЕСАР ЗА ПРОШИРУВАЊЕ МАРТА КОС

    ОЧЕКУВАМЕ МАКЕДОНИЈА ДА ГО ПРОМЕНИ УСТАВОТ, КАКО ШТО БЕШЕ ВЕТЕНО, КАЖА КАНДИДАТКАТА ЗА ЕВРОКОМЕСАР ЗА ПРОШИРУВАЊЕ МАРТА КОСКос рече дека ако се направат уставните измени, земјата ќе продолжи напред без дополнителни услови. (Фото: ЕУ)

    Кандидатката за нов еврокомесар за проширување, Словенката Марта Кос, денеска кажа дека очекува Македонија да го промени уставот, на сослушувањето во Европскиот парламент во Брисел. Таа вели дека не е реално повторно да се преговара за Преговарачката рамка.

    „Она што е прифатено – треба да биде исполнето. Тоа е предуслов и на тоа ќе работиме со Северна Македонија. Очекуваме земјата кандидатка Северна Македонија да го промени Уставот, како што беше ветено. Ништо повеќе и ништо помалку“, кажа Марта Кос, за време на сослушувањето за потврдување на нејзината кандидатура.

    Кос рече дека ако се направат уставните измени, земјата ќе продолжи напред без дополнителни услови.

    „Ако успееме, а мислам дека можеме, тогаш тоа би било голем чекор напред. Еднаш кога Северна Македонија ќе направи измени на Уставот, тргнуваме напред без дополнителни услови и јас ќе работам на тоа“, кажа таа.

    Понатаму, словенечката дипломатка рече дека очекува Македонија да ги почитува договорите со соседите.

    „Ќе се држам до принципот кој се заснова на заслуги. Очекуваме дека Договорот за соработка и добрососедство меѓу Бугарија и Македонија и Преспанскиот договор ќе се спроведуваат. Ќе помогнам билатералните договори да се исполнат, а тоа ќе биде добро и за земјите и за ЕУ“, вели Кос.

    Македонија ја имаше првата меѓувладина конференција со ЕУ на 19 јули 2022 година, а потоа и го помина процесот на скрининг, но официјално не ги почна пристапните преговори со отворање на кластери. Услов за тоа е носење на уставни измени за вметнување на бугарското малцинство во Уставот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира