Пејачот, композитор и ТВ-водител Драган Вучиќ утрово почина, потврди министерот за здравство Венко Филипче. Се лекувал на Инфективната клиника во Скопје. Извори од болницата велат дека имал компликации од коронавирус. Подолго време бил дијабетичар.
„Утрово на Инфективната клиника од коронавирусот почина нашиот познат музичар, композитор и тв водител Драган Вучиќ. Тој беше хоспитализиран пред осум дена откако состојбата му се влошила и од тогаш е лекуван на Оделението за интензивна нега. И покрај сите напори на лекарите и целиот стручен тим, Вучиќ со многу тежок наод на белите дробови, за жал, му подлегнал на вирусот. Упатувам искрено сочуство до семејството и блиските“, објави претпладнево министерот за здравство Венко Филипче на неговиот фејсбук профил.
Роден во Скопје во 1955, Вучиќ е автор на популарни поп песни како „Свирете ја ‘Зајди, зајди’“, „Ангели ме носат“, „Заминува, никому ноќва не кажува“, „Кажи ѕвездо“, а беше автор и на евровизиската песна „Make My Day“, на неговиот син Мартин Вучиќ во 2005. Во 1990-те беше пејач на групата „Кода“.
Изминативе години, Вучиќ беше популарен како водител на квизовите „Вашите пет минути“, „Возење со Вучиќ“, „Среќни луѓе“, a последна емисија му беше „Гурмански приказни“ што се снимаше со пејачи, актери и уметници низ балканските земји.
Неговата сопруга Весна е ќерка на легендарниот гајдаџија Пеце Атанасоски, а син му Мартин е пејач и директор на Ансамблот за народни песни и ора „Танец“.